fbpx

Меѓународен ден на слободата на медиумите: Неказнивоста вознемирувачка и на македонско и меѓународно ниво

-

Неказнувањето за заканите и убиствата на новинари останува постојана грижа ширум светот, како пречка за обезбедување безбедност на новинарите и има застрашувачки придонес во авто-цензурата. Неказнувањето е проблем и кај нас. Ситуацијата со реформите во медиумскиот сектор остана непроменета во текот на 2021 година,  споредено со претходните години, освен во областа на законодавството, каде што има позитивен исчекор, но тоа сè уште не е усвоено од Собранието на РСМ. Во меѓувреме, штетното влијание на дезинформациите е видливо и опипливо и конкретно влијае врз квалитетот на нашите животи и развојот на општеството и благосостојбата. Ова се дел од националните и меѓународните грижи со кои годинава се пречекува Меѓународниот ден на слободата на печатот, пренесува Порталб.мк.

УНЕСКО, во периодот 2016-2020 година, има забележано 400 убиства на новинари заведени во последниот извештај „Закани кои замолчуваат: Трендови во безбедноста на новинарите“. Оваа бројка е намалена за околу 20 отсто во однос на претходните пет години.

И додека бројот на убиства на новинари е намален, глобалната стапка на неказнивост останува многу висока, така што речиси девет од десет случаи (87 проценти) на убиства на новинари остануваат нерешени. Истражувањето на УНЕСКО во 2021 година го потврдува она што многумина долго време се сомневаа: на национално ниво, убиствата на новинари и степенот на неказнивост обично се пропорционални, а високата стапка на смртност е придружена со висока степен на неказнивост.

Теофил Блажевски; Фото: Фондација Метаморфозис

Теофил Блажевски, уредник и новинар во Вистиномер, медиумски проект на „Метаморфозис“ и член на главните органи на ССНМ и СЕММ, вели дека слободата на медиумите не е константна категорија, односно нема гаранција дека еднаш освоената слобода е освоена за секогаш. Тоа ни го покажуваат современите искуства и од етаблираните демократии, како што беше состојбата со медиумските слободи и заканите по истите за време на Доналд Трамп во САД, или моменталната состојба во автократски режими, каква што е состојбата денес во Русија на пример, која што е многу полоша од состојбата во истата земја пред 24.02.2022 кога Русија ја нападна Украина или пак, состојбата со слободата на медиумите во Унгарија која што се смета за земја со ограничени медиумски слободи.

Таква е и нашата моментална состојба со слободата нa медиумите. Генерално се почитува, тоа го признаваат и сите домашни и меѓународни релевантни извештаи, но заканите и ударите врз медиумската слобода се сè уште присутни и можат да се групираат во повеќе фактори.

Политички фактори – желбата на политичките елити и во власт и во опозиција да имаат извесна контрола врз медиумскиот простор; економски фактори – сиромашен медиумски пазар што го користат бизнис и политичките елити преку рекламирање во медиумите да го остварат своето влијание; слаба социо-економска положба на новинарите – што доведува до автоцензура и контролирана слобода на говор; законодавството што ги регулира навредата и клеветата – важен фактор за слободно медиумско изразување и физичките и вербалните напади врз новинарите и нивната казнивост или неказнивост“, оценува Блажевски.

Сите овие фактори, додава Блажевски, сè уште се присутни во Македонија и сè уште се закана за слободата на медиумите. Заклучокот би бил дека за слободата на медиумите треба постојано да се вложуваат напори за да таа се подобри и да се одржи, исто како и за да се освојат и да се одржат еднаш освоените фундаментални права и слободи за граѓаните. Ниту една слобода, ниту медиумската слобода не е дадена еднаш засекогаш, вели тој.

Бардил Јашари; Фото: Мета.мк

Од друга страна, Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата „Метаморфозис“, оценува дека со мали исклучоци, медиумите во нашата земја и понатаму остануваат поделени по политички линии, а приватните медиуми често се поврзуваат со политички или бизнис интереси кои на еден или друг начин другиот влијаат на нивната содржина. Сепак, вели тој, има независни и критички медиуми, иако тие главно се онлајн, како Порталб.мк и Мета.мк.

„Важно е што, иако уште има случаи на притисоци и физички напади врз новинари, нивната безбедност се зголемува во однос на претходните години. Од друга страна, предизвиците се многубројни, а меѓу нив е присуството на говор на омраза и неказнивоста на сторителите кои шират говор на омраза. Оваа појава ја нарушува слободата на изразување бидејќи директно придонесува за намалување на нивото на култура на јавниот дијалог и ја попречува социјалната и политичката дебата, особено таа онлајн. Потоа, големиот број лажни вести и дезинформации и понатаму претставуваат сериозен проблем кој ја намалува и онака ниската доверба на граѓаните во институциите и влијае на слабеење на демократијата воопшто. Различни актери со штетни агенди, кои често потекнуваат надвор од границите, но со помош на актери од земјава, преку кампањи за дезинформации предизвикуваат радикализација кај различни групи граѓани, додека со користењето на интернетот тие дезинформации се засилуваат за да се создаде хаос, да се предизвика страв, омраза и да се шират еднострани мислења на спротивставени групи на луѓе со цел да се предизвикаат немири“, вели Јашари.

Тој понатаму додава дека во нашиот регион ова влијание има за цел да ги наруши тековните процеси на консолидација на демократските институции, преку користење и продлабочување на постоечките етнички, верски, економски и идеолошки или партиски поделби.

„Штетното дејство на дезинформациите е очигледно и опипливо и конкретно влијае на квалитетот на нашиот живот и развојот на општеството и благосостојбата. Затоа, сите сектори на општеството, владата, невладините организации, медиумите, академската заедница, мора да соработуваат и да креираат краткорочни и долгорочни стратегии со ефективни механизми за спротивставување на оваа штетна појава чија цел е да се поттикне поделби. Прво, медиумите треба да ја зголемат професионалноста и релевантноста на содржината што ја објавуваат, невладините и образовните институции да работат на зголемување на нивото на медиумска писменост и вештини за критичко размислување на населението, владините институции да бидат потранспарентни, да се создаде законска рамка која ќе обезбеди амбиент за безбедно работење на новинарите и казнување на говорот на омраза“, нагласи Јашари.

Извештаи во Северна Македонија, како тој на Метаморфозис, оценуваат дека главните проблеми во медиумите и понатаму остануваат да се решат во наредниот период и тоа, пред сè, се однесува на прашањата за стратешката рамка, безбедноста на новинарите и медиумските работници, финансирањето на медиумите со јавни пари, јавниот радиодифузер и неговата вистинска улога, што сè уште чека да биде да се препознае од државата, како и улогата на процесот на само-регулација во медиумите што треба да се зајакне, особено во областа на одржливоста, но и поголемата имплементација на одлуките донесени од Комисијата за жалби при СЕММ. Генерално, ги објаснуваме овие процеси одделно.

Проблемот со финансирањето на медиумите со јавни пари останува на загрижувачко ниво, но со укажување дека голем дел од самите комерцијални медиуми не само што не се загрижени, туку и отворено се залагаат за користење на буџетските средства како важен извор на нивното финансирање, особено во услови на намалени средства од маркетинг пазарот. Овде, пред сè, се мисли за исплатите од буџетот кон медиумите преку механизмот на следење на изборната кампања, вграден пред неколку години во Изборниот законик, преку кој при секои избори на мнозинството комерцијални радиодифузери, стотици онлајн медиуми и многу печатени изданија дневно и неделно, за оваа услуга им се плаќа помеѓу 3,5 до околу 5 милиони евра, зависно од видот на изборите.

ЗНМ и Синдикатот на новинарите иницираа неколку измени на Кривичниот законик за поголема заштита на медиумските работници, но носењето закони со години се одложува од државните институции.

Сепак, нападите и заканите врз новинари или медиумските екипи или барем оние што се пријавени, како што може да се види во веб-страница на ЗНМ, од година во година се намалуваат. Ако во 2020 година биле пријавени 14 напади, во 2021 година биле пријавени пет, во текот на оваа година досега има само еден случај.

Од друга страна, феноменот на напади и закани кон вработените во медиумите не остана незабележан и во Извештајот за напредок минатата година, беше посочено и дека медиумските работници се соочуваат со низа основни проблеми од социјален карактер.

„Случаите на физичко и вербално насилство како и закани кон новинари и медиумски работници се зголемени. Условите за работа на новинарите, со посебен акцент на нивните работни и социјални права, сè уште треба значително да се подобрат, особено на локално ниво. Анкета спроведена од Самостојниот синдикат на новинари покажала дека 23 % од медиумските работници немаат здравствено и социјално осигурување, 19 % одговориле дека менаџментот на медиумите не им дозволува на работниците да формираат синдикат. Ниските примања, како и непочитувањето на законот за работни односи од страна на работодавачите се најчестите и постојани предизвици за новинарите“, се нагласува во Извештајот.

Инаку, 3 Мај беше прогласен за Светски ден на слободата на медиумите од страна на Генералното собрание на ОН во декември 1993 година, по препорака на Генералната конференција на УНЕСКО. Оттогаш, овој датум во светот се слави како Светски ден на слободата на медиумите.

По 30 години, историската врска создадена помеѓу слободата да се бараат, да се дадат и да се примат информации и јавното добро останува исто толку важна како што беше во времето на нејзиното потпишување.

3 Мај служи како потсетник за владите за потребата да ја почитуваат нивната посветеност на слободата на печатот. Тоа е и ден на размислување меѓу медиумските професионалци за прашањата за слободата на печатот и професионалната етика. Тоа е можност: за почитување на основните принципи на слободата на печатот; да се процени состојбата на слободата на печатот во светот; да се заштитат медиумите од напади врз нивната независност; и да им се оддаде почит на новинарите кои ги загубиле животите вршејќи ја својата должност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...