fbpx

Меѓународен ден на руралната жена: Поскапувањата отворија нови можности за земјоделките, но и дигитални предизвици

-

Овогодишното мото на UN Women-  „Жените од руралните средини одгледуваат добра храна за сите“, посветено на Меѓународниот ден на руралната жена – 15 Октомври ја нагласува суштинската улога што ја играат жените и девојките во производството на храна во светот.

Сепак, иако тие се вклучени во процесот производство на култури па сè до нивната преработка, подготовка и дистрибуција на храна, трудот на жените не е еднакво вреднуван со мажите. Како резултат на тоа, жените земјоделки заработуваат помалку приходи. Од граѓанското здржение „Рурална коалиција“ за Мета.мк велат дека жените земјоделки во земјава покрај помалата заработувачка во споредба со мажите се соочуваат и со низа други предизвици.

Од една страна, поскапувањата на храната ги мотивира земјоделките, а и потрошувачите да бараат алтернативи за набавка на прехрамбените продукти. Нашата анализа на онлајн понудата вели дека некои производи е поевтино да се набават преку интернет директно од жените-земјоделки, отколку во супермаркет. Но, кога на цените за производите ќе се додаде и цената на транспортот, износот речиси се изедначува.

Овој начин на онлајн трговија преку социјалните мрежи и дигиталните платформи како „Наша тезга“ освен што е можност за заработка претставува и дигитален предизвик кој треба да го надминат.

Податоците на Народната банка покажуваат дека граѓаните во Северна Македонија, сè повеќе ги користат дигиталните канали за плаќање во земјава.

Според податоците од вториот квартал во 2022 година, забележан е раст во трговијата  со платежни картички. Притоа, бројот на извршени трансакции на продажни места на интернет пораснал за 12,6 отсто во споредба со вториот квартал од 2021 година.

Но, се разбира, има потрошувачи кои не сакаат да купат додека не видат како што е случајот со Љубица Николовска, мајка на студенти, со која Мета.мк разговараше на еден од скопските зелени пазари. Таа не е подготвена да нарача нешто бидејќи вели дека не е сигурна што ќе добие. Сепак Николовска рече дека е сигурна дека нејзините деца купуваат онлајн, и храна и други производи.

„За разлика од мене, син ми и ќерка ми знаат да ги користат социјалните мрежи и пред да платат добро проверуваат што ќе купат. Искрено мислам дека во иднина ќе се случи некогаш да немаат време сами да си подготват зимници, па ќе си купуваат и тоа преку Интернет. Ама, за сега јас сакам да видам и да пипнам што купувам“, рече Николовска.

Па така додека граѓаните се ориентираат кон онлајн трговија, жените земјоделки освен што треба да бидат убедливи дека тоа што го продаваат вреди за потрошените пари, тие треба и да ги усовршат своите дигитални вештини. А, и да издвојат дел од заработката за соодветен маркетинг кој би им помогнал да влеат доверба кај купувачите.

„Граѓаните се повеќе се ориентираат за онлајн купување вклучувајчи дури и храна, и тоа е реално и можно само ако станува збор за организирани маркети или онлајн продавници. Кога говориме за мали производители на храна, на терен се соочуваме со бројни предизвици кои што треба да ги надминеме. Имено, ние го отворивме првиот женски рурален е-пазар Наша тезга, кој што функционира и повеќе од одлично, но сè уште на оној традиционален начин односно со телефонско јавување и директни контакти со производителките“, изјавија од Рурална коалиција за Мета.мк

Според жените земјоделки, тие се соочуваат со недоволно ресурси, како технички така и човечки за да може да ја унапредат онлајн продажбата.

Првиот рурален е-пазар „Наша тезга“ пример за успех на здружени жени

„Планираме да воведеме онлајн плаќање, но и да развиеме дистрибутивна мрежа која што ќе ја покрива целата територија на државата. Многу повеќе треба да се вложува во делот на развој на дигиталните вештини на самите жени кои што се дел од платформата за да знаат да се регистрираат, да ги ажурираат своите профили, цени итн“, истакнаа од Рурална коалиција.

Според нивното досегашно искуство, дигиталната писменост е сè уште голем предвизвик во секторот земјоделство и рурален развој, но и самата одржливост на платформата Наша тезга, до моментот додека не прерасне во одржливо социјално претпртијатие каква што е нивната замисла, со оглед на фактот тие ние им помагаат на жени од рурални средини кои што се на работ на маргинализирана група.

Велат дека уште некои од предизвиците со кои се соочуваат се ии начинот на пресметување на цените и трошоците.

„Калкулациите се потешкотија за жените како и брендирањето, пакувањето и ставањето на додадена вредност на производите. Токму тоа ќе биде и нашиот фокус во наредниот период за што успеавме да добиеме грант во насока на развој на социјално претпријатие, како и изградба на препознатлив бренд во кој што секој ќе сака да вложи и да придонесе, па и обичните граѓани со купувањето на производите. Бидејќи тоа е единствен начин како ваквите платформи кои што почнуваат без поддршка да може да прераснат во одржлив социјален бизнис кој што ќе ги зајакне економски жените, ама и ќе обезбеди средства како за развој на самата платформа, така и за развој на локалната заедница каде што живеат жените“, изјавија од Рурална коалиција.

Инаку според Законот за земјоделство и рурален развој, за разлика од други производи кои се продаваат на интернет за кои нема конкретка регулатива, продажбата на земјоделски производи може да се врши директно од земјоделското стопанство, на пазарите, но и преку интернет.

Продажбата во овие случаи може да ја вршат земјоделски стопанства, трговски друштва, земјоделски задруги и организации на производители. Во законот е наведено дека од земјоделски имот може да се продаваат земјоделски производи од земјоделското стопанство и производи од дополнителна дејност наменети за крајна потрошувачка. Продажбата на ваквите производи може да ја врши носителот на земјоделското стопанство или негов член.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...