Меѓуетничките односи во Северна Македонија, освен што се клучни за градење на кохезивно општество, често се и злоупотребувани за одржување на негативен политички развој. Децении наназад сведочиме подеми и падови кои секогаш и без исклучок создаваат ѕид помеѓу проблемите кои реално ги мачат граѓаните и проблемите за кои граѓаните говорат. Па така, ако во бројни истражувања на јавното мислење во кои граѓаните се запрашани кои се нивните проблеми, меѓу првите секогаш се наоѓаат сиромаштијата, платите, стандардите на живот, додека од друга страна во јавниот дискурс доминираат меѓуетничките односи и политичките превирања, пишува „Вистиномер“.
Подолу Ви ја пренесуваме објавата на „Вистиномер“ во целост:
Ваквиот јавен дискурс во кој меѓуетничките теми се централно поставени, ги охрабрува националистичките ехо-комори кои засилуваат националистички говор, говор на омраза и говор кој проширува јаз на поделби помеѓу двете групи. Ваквиот јаз во отсуство на дијалог и пристап до информации се пополнува со дезинформации и манипулации со информациите. Тие пак служат за хранење на штетните наративи во општеството, особено „ние наспроти тие“ наративот. Ваквата секојдневна изложеност на граѓаните може да доведе до радикализација со потенцијални насилни елементи. Оваа анализа го испитува проблемот на постоење на јавен етер кој стимулирано или организирано придонесува кон засилување на национализмот. Во анализата се испитува врската помеѓу темите во јавниот дискурс, актерите кои ги пласираат и ехо-коморите кои ги користат за пласирање на дезинформации или манипулации со информации. Крајно, анализата има за цел и да истражи дали има легислативен пропуст кој овозможува дисеминација на дезинформации и манипулации со информации, кој потоа придонесува за развој на штетни наративи. Доколку го има, да дефинира каде се случува и како да се поправи.
Како истраживме?
Методологијата за оваа анализа е преку деск-истражување и мапирање, како и мониторинг на медиумски објави. Како основна база на податоци се земаат отворените страници на социјалните мрежи кои споделуваат и дисеминираат содржини кои се дезинформации или манипулации со информации кои поттикнуваат етнички тензии. Методологијата го следи јавно достапниот пат на една информација. Крајно, преку компаративна метода на постоечката регулатива и други меѓународни регулативи, се обидува да развие препорака за политика со која би се намалил просторот за влијанието на штетните наративи.
Што пронајдовме?
Вредно е да се напомене дека јавниот дискурс со тензични меѓуетнички теми доживува кулминација во предизборни кампањи бидејќи тоа е метод на политичките партии за мобилизација на членството. Северна Македонија пред повеќе од половина година ги одржа парламентарните и претседателските избори, кои имаа преклопен период на предизборни кампањи. Во овие кампањи не само што не отсуствуваше националистичкиот говор и говорот за поделби, туку меѓуетничките односи беа поставени централно во партиските кампањи. Тие кулминираа во директни и отворени закани, кои преку медиумите се пренесоа и меѓу поддржувачите и граѓаните. Иако актуелната владина коалиција – која има големо, речиси двотретинско мнозинство во Парламентот, а воедно и мнозинство во доминантен број на општини во земјата – е од мешан меѓуетнички состав, сепак меѓуетничките теми се доминантни во јавниот дискурс. Причините за тоа лежат и во разликите во политичките програми кои партиите во владината коалиција ги спроведуваат, но и во нивната идеолошка матрица која се движи од центарот кон десниот спектар. Најважната причина сепак останува да биде потребата од користење на меѓуетничката тема за пополнување на отсуството на програмски и/или реални дискусии за политики. Ваквите политички изјави се пренесуваат во медиумите, а дополнително поттикнуваат и тензични медиумски написи и изјави на други аналитичари и експерти, кои додатно ги влошуваат меѓуетничките односи. Важен наод на оваа анализа е временското поклопување на медиумските објави со објавите на групи и отворени фејсбук страници, кои имаат дезинформативна или манипулативна политичка содржина со елементи на говор на омраза или потпалувачки говор. Содржините одат во прилог на хранење на штетниот наратив „ние наспроти тие“. Овие групи и отворени фејсбук страници делуваат како ехо-комори за публиката која ги има заследено, но исто така имаат организирано меѓусебно споделување со што ја прават повидлива содржината. Според вкупниот број на следачи и меѓусебното споделување, тие имаат бројна публика и делуваат како своевиден нерегулиран медиум. Содржината обработена во оваа анализа е поврзана со објавите за Албанска академија на науките и уметностите, и актуелноста на меѓуетничка тема е искористен за пласирање на говор на омраза или потпалувачки говор кој подгрева меѓуетничка тензија и води кон понатамошна радикализација и кон хранење на штетни наративи. Пронајдена е врската помеѓу 11 вакви различни јавни фејсбук страници и неколку фејсбук групи, кои меѓусебно ја споделуваат содржината. Покрај страниците, содржините се споделувани и од страна на индивидуални профили кои се повторуваат, но истите не се предмет на оваа анализа. Како пример: анализираната содржина на само еден пост поврзан со информацијата за отворање на Албанска академија на науките и уметностите, која е споделена од 10 страници, заедно имаат над 199 илјади следбеници, што како бројка е поглем досег од фејсбук страниците на повеќето медиуми во земјава.
Анализа
Постои јасно временско поклопување помеѓу изјавите на политичарите, темите застапени во јавниот дискурс преку медиумите и потпалувачката содржина која ја објавуваат јавно достапните страници на социјалните мрежи, кои организирано ја споделуваат меѓусебно содржината делувајќи како медиум. Анализиравме две објави на Фејсбук чијашто содржина оди во прилог на хранење на штетниот „ние наспроти тие“ наратив. Резултатите кои ги добивме укажуваат на поврзаност на 11 Фејсбук страници кои меѓусебно и организирано ги споделуваат своите постови меѓу себе, зголемувајќи ја видливоста на содржината. Иако навидум станиците изгледаат исто и најчесто споделуваат исти објави, има разлики помеѓу бројот на допаѓања, бројот на следачи, но и бројот на интеракции и коментари. Само три од овие страници се активни, односно имаат коментари и реакции. Впечатливо е тоа што содржините од овие две објави се споделуваат во период надвор од стандардното работно време. Два примера на објави се избрани и поврзани со период за да се докаже хронолошката врска меѓу објавите на фејсбук страниците со периодот на изјави на политичари, медиумски написи и анализи на темите на објавите. Примерите кои одлучивме да ги разработиме се однесуваат на објава со манипулација која тврди дека Академијата за науки на Албанците ќе се злоупотребува за промовирање иридентизам, или манипулација која тврди дека таквата Академија ќе се злоупотреби за федерализација на државата.
Медиумскиот етер:
Разидување во владината коалиција по однос на формирањето на Албанска академија за науки и уметности за првпат се случува во јули 2024 година кога владиниот коалициски партнер ВРЕДИ изјави дека започнува со формирање на Албанска академија за науки и уметности, додека нивниот коалициски партнер ЗНАМ изјави дека „најавите за Албанска академија се постизборен популизам“, а премиерот и лидер на третиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ изјави: „Идејата ќе остане само идеја: Барањето на ВРЕДИ за Албанска академија на науките и уметностите нема да се реализира – иницијативата е фолклор и политички маневар“, што во суштина е континуитет на тврдите линии кои трите партии ги имаа за време на предизборието. После три месеци, кога се преземаат и првите чекори за реализација на оваа заложба, се појавува повторно разногласие во владината коалиција. Еден наслов вели: Коалицијата „Вреди“ повторно ја актуелизираше идејата за албанска Академија на науките, додека друг вели: Мицкоски: Има само една Академија на науките и уметностите. Ваквото владино разногласие и спротивставени ставови споделени во период од два дена, на 15 и 16 октомври 2024 г., веќе создаваат тензична атмосфера која ја следат и други потпалувачки наслови извадени од колумни и изјави на експерти и аналитичари:
Вреди не се откажува од албанска Академија на науките и уметностите;
Бесмислената реалност на науката по Бадинтер;
Ако ги слушавме нив, немаше да имаме ниту училишта, ниту универзитети.
Овие написи се на 15 и 28 октомври 2024, додека последниот е на 2 ноември 2024, што значи дека спротивставените ставови продолжуваат да ја одржуваат тензичната атмосфера во медиумите со недели откако таа е започната.
Движењето на информацијата низ јавните фејсбук страници (ехо-комори) го мапираме преку две објави на две различни страници. Првата која дезинформира, заплашувајќи дека преку Албанците експлоатираат пропаганда дека се жртви на неправди за да форсираат активности и цели за федерализација како предигра за отцепување, алудирајќи на одземање на ингеренциите на градоначалниците-Албанци поради најавата дека Албанската академија ќе се финансира од буџетите на општините кои имаат градоначалник Албанец. Оваа дезинформација е објавена на 16 октомври, односно сред јавната дискусија во која веќе утврдивме дека има несогласувања помеѓу владините коалициски партнери околу формирањето на Академијата.
Овој пост има 10 споделувања, од кои 6 се јавни, меѓу кои се страниците: „Лудата Јоци Фан Клуб“, „Налет да се сторите“ „Sekula vojvoda fan club“ и „Бебо“ и два лични индивидуални профила.
Овие четири јавни фејсбук страници заедно имаат повеќе од 70 илјади следачи, а заедно сосе оригиналната страница „Село гори баба се чешла“ имаат околу 80 илјади следачи. Коментарите на овие објави очекувано се потпалувачки и со елементи на говор на омраза. Овие објави се пласираат главно на 16 октомври 2024 во период од 08:07 – 09:34 наутро (со исклучок на една страница која постира на 17 октомври).
Втората објава е на јавната фејсбук страница „Cicki.mk“ од која има 29 споделувања, од кои 12 се јавно достапни.
Од овие 12 споделувања, 3 се на фејсбук групи, еден е личен индивидуален профил, а останатите се фејсбук страници од кои 4 кои се поклопуваат со предходните „Лудата Јоци Фан Клуб“ „Налет да се сторите“ Sekula vojvoda fan club“ и „Бебо“, а останатите се страниците „Cyber Club Ludata Joci“ „Види види“ „Кукузел“„ЛеЛе“ „Јован Кукузел“ и фејсбук групите „Политички постови Република Македонија“ „Зоран Заев предавник број 1“ „Черный юмор 18+“ Овие страници и групи заедно имаат над 213 илјади следачи, додека последната, која главно има содржина на руски јазик, има над 143 илјади следачи. Објавите и споделувањата започнуваат на главно 18 октомври 2024 во 02:00 наутро и траат главно до 19 октомври 2024, од што можеме да заклучиме дека се случуваат во паралелен период со медиумските објави и изјавите на политичките партии во тој период.
Што значи сето ова?
Јавниот дискурс со силна поларизација и тензија околу меѓуетничките прашања започнува со изјавите на партиите од владејачката коалиција и се зајакнува со преносот низ медиумите кои ја прават темата доминантна во јавниот дискурс, а некои дополнително користат и потпалувачки говор. Последователно истиот станува дел од дискусиите по социјалните мрежи, вклучително и преку коментарите под објавите на профилите на медиумите на социјалните мрежи. Јавните фејсбук страници и групи го користат моментот на ваквиот јавен дискурс и создаваат дезинформаторски содржини или маниулации со информации, кои на организиран начин ги споделуваат меѓу себе создавајќи ехо-комори и вршејќи амплификација на содржините, кои преку создадената инфраструктура ги дисеминираат кон стотици илјади следачи. Деизнформациите и манипулциите со информации содржат екстремен воспалувачки говор кој радикализира и придонесува кон штетниот „ние наспроти тие“ наратив, алудирајќи и поткрепувајќи доста субнаративи. Таков пример е субнаративот за иридентизам и отцепување од страна на албанската популација или субнаративот за федерализација.
Препораки за политики
На прв поглед, јасно е дека нерегулираниот интернет простор е злоупотребен за создавање на страниците кои делуваат како ехо-коморите, а заеднички и како медиуми. Но компаративната анализа покажува дека регулацијата не е сеопфатно решение за проблемот, и тој мора да се третира од сите страни во општеството и со различен пристап.
На темата легислатива: Северна Македонија, која сака да ги започне преговорите за членство во Европска Унија, би требала некои од регулативите да ги има применето и без да биде членка, така што во однос на социјалните мрежи веќе би требало да има подготовки за Актот за дигитални сервиси кој се однесува на повеќе прашања поврзани со големите онлајн платформи, меѓу кои и справувањето со потенцијално штетни содржини преку режим на одговорност на онлајн провајдери за содржини.
Но дури и да не се воведе нова регулатива, Северна Македонија и во моментов има законски одредби на располагање доколку постои силна политичка волја кај институциите да се справуваат со штетните влијанија од манипулациите со информации и дезинформациите. Така, Кривичниот законик предвидува санкции преку член 319 кој се однесува на предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, а има и посебни одредби за кривичната одговорност за кривични дела сторени преку средствата за јавно информирање, односно членовите 26, 27, 27а и 28. За примената на овие одредби потребно е да се интензивира соработката меѓу МВР и ОЈО во оваа област, и да се посветат посебни единици кои ќе се занимаваат само со оваа проблематика кои до овој момент ги немаат.
Меѓутоа, не е сè во регулативата, бидејќи постојат и помеки мерки кои институциите можат да ги преземаат, а се однесуваат на јавните комуникации и одговорноста за јавниот етер кој влијае на граѓаните. Јавното обвинителство може да има превентивна улога во општеството и да има редовни јавни комуникации кои ќе едуцираат и информираат за штетните последици од дезинформациите и нивната казнивост, односно да има проактивна наместо реактивна улога. Истата проактивна улога можат да ја имаат регулаторните агенции како АВМУ (Агенција за аудиовизуелни медуимски услуги), а во овој случај и Државната изборна комисија (ДИК), имајќи предвид дека заострувањето на меѓуетничката реторика доживува кулминација во предизборниот период, па тоа што го анализираме денеска е причинско-последничен проблем.
Секако, најважната и најодговорна улога ја има владината коалиција која преку своите јавни изјави ја отвора и одржува во живот тензијата на меѓуетнички план, како што успеавме да утврдиме од медиумскиот мониторинг во оваа анализа. Владината коалиција, која е составени од три партнерски политички партии, мора да има внатрешен дијалог со кој ќе ги реши несогласувањата и ќе договори единствен владин став, а кон јавноста ќе се однесува одговорно на тема меѓуетнички односи. Впрочем, како што истата стратегија ја употребува и за останатите политички прашања внатре во Владата за кои нема разногласие во јавноста.
Покрај институциите, како што можевме да утврдиме преку медиумскиот мониторинг, втората најодговорна улога ја имаат медиумите, каде очигледно саморегулацијата целосно потфрла во неможноста да ги издвои професионалните медиуми – кои задржуваат одредени стандарди – од оние кои тоа не го практикуваат од кои било причини. Отсуството на санкција кон медиумите кои создаваат дезинформации или манипулации со информации во процесот на саморегулација е евидентна.
На крајот, свесни за недостатокот од ресурси во институциите, но и како забележана разлика со другите поразвиени земји, ја напоменуваме и сензитивноста на општеството за користењето на потпалувачки говор поради која голем број академски, медиумски и граѓански организации вршат мапирње и истражување на ваквите појави. Мапирањето и етикетирањето заради транспаретност кон публиките на горенаведните ехо-комори, помага на два начина. Прво, заради инфомативната, односно едукативна димензија преку која граѓаните, медиумите, академијата ќе можат да бидат предупредени за типот на содржина и ефектите од истата; и втората димензија, во која мапирањето понатаму им служи на институциите кои ќе утврдат дека има елементи на прогон.