МЕФ Енергетски Форум 2023: На енергетскиот сектор му е неопходна зелена трансформација

На средба меѓу министерката за животна средина Шукова и директорот на енергетската заедница, Артур Лорковски, беше констатирано дека со усвојувањето на Патоказот за декарбонизација во 2021 година, земјите се обврзаа да ги следат емисиите на јаглерод во енергетскиот сектор

Фото: mef.mk

Македонија и земјите од регионот се соочуваат со предизвик поврзан со спроведувањето на Патоказот за декарбонизација и механизмот за јаглеродно прилагодување на границите (carbon border adjustment mechanism). Тоа значи нова обврска за домашната индустрија заснована на јаглен, која ќе мора да се пренасочи кон позелена трансформација.

На средба меѓу министерката за животна средина Каја Шукова и директорот на енергетската заедница, Артур Лорковски, беше констатирано дека со усвојувањето на Патоказот за декарбонизација во 2021 година, земјите се обврзаа да ги следат емисиите на јаглерод во енергетскиот сектор и да развијат институционална рамка за спроведување на мехнизмот за тргување со емисии на стакленички гасови (ETS).

„Претстојното воведување на Механизам за јаглеродно прилагодување на границите во ЕУ во моментов предвидува можност земјите надвор од Унијата да бидат изземени од неговата примена доколку се исполнети одредени услови, односно доколку е дефинирана цената на јаглеродот и доколку се имплементира ETS со цена еквивалентна на ЕУ ETS до 2030 година“, рече Лорковски.

Во рамките на МЕФ Енергетскиот Форум 2023, што годинава е на тема „Подобрување на триаголникот: Политики-Финансии-Енергетска технологија за енергетска отпорност и зелена транзиција“, вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи истакна дека во последните пет години засилено се работи на регионално енергетско поврзување преку изградба на интерконекторот со Албанија со кој ќе се комплетира Коридорот 8 за пренос на електрична енергија помеѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија.

„Трендовите во изградба на фотоволтаични централи земаат голем замав не само во нашата земја туку и во соседството и нашиот систем оператор МЕПСО работи на зголемување и на капацитетот на пренос на електрична енергија по Коридорот 10, преку зголемување на капацитетот на интерконекторот Битола-Лерин, кој треба да биде удвоен во наредните неколку години“, кажа Битиќи.

Посочи дека земјава работи и на диверзификација на снабдувањето со природен гас, преку градење на интерконектор со Грција, преку кој ќе обезбедиме гас за наредните 15 години, ќе се намали зависноста од рускиот гас и ќе стане достапен гасот од ЛНГ терминалот во Александруполи.

Американската амбасадорка Анџела Агелер, повика итно да се дејствува за диверзификација на енергетските ресурсин, нагласувајќи дека енергетската криза покажа колку е важна енергетската независност, особено во Северна Македонија. Таа истакна дека САД работат напорно на зајакнување на енергетската издржливост и отпорност и потсети дека неодамна и помогнаа на земјата да има транспарентно и ефикасно тргување со електрична енергија.

„Апелираме да се склучуваат партнерства и со локалните бизниси каде што нашите американски партнери може да обезбедуваат производи и услуги за запазување на еколошките цели“, рече американската амбасадорка.