Медлин Олбрајт: Бугарските барања за Северна Македонија се целосна трагедија

Медлин Олбрајт, Државен секретар на САД 1997 - 2001. Фотографија: Wikimedia Commons

Мислам дека е целосна трагедија тоа што по долгото време потрошено на решавање на прашањето за името со Грците, Бугарите, заради поени на домашната политичка сцена, истакнаа такви барања за Северна Македонија, порача поранешниот Државен секретар на САД, Медлин Олбрајт, на седница на Комисијата за надворешна политика на Претставничкиот дом (Долниот дом на Конгресот на САД).

Таа одговараше на прашањето од конгресменот Грегори Микс во однос на тоа како новата администрација треба да работи со Брисел за земјите аспиранти во ЕУ да не останат во чекалницата поради своите соседи, со оглед на блокадата што Бугарија ја постави за Северна Македонија поради прашања за националноста и јазикот, извести „Радио Слободна Европа“.

На сесијата на која учесниците разговараа за политичките пристапи што администрацијата на идниот американски претседател Џо Бајден може да ги примени на Западен Балкан, рече дека Вашингтон треба да се фокусира врз воспоставување посилна соработка со ЕУ и зајакнување на борбата против корупцијата на Балканот, која го поткопува владеењето на правото.

„Идната администрација на САД треба да го поддржи демократскиот развој на Западен Балкан. Се надевам дека тие ќе имаат партнер во администрацијата на Бајден. Тој беше ангажиран на Балканот за да се стави крај на конфликтот. Тимот што го предложи е многу професионален и може да им помогне на земјите да го зачуваат мирот“, рече Олбрајт.

Поранешната државна секретарка на САД оцени дека Балканот денес е помирен отколку пред 25 години, дека „земјите не се распаднале“, дека сакаат членство во ЕУ и се залагаат за зајакнување на односите со САД, но и дека корумпираните лидери користат национални теми за да останат на власт, додека Русија и Кина „носат нестабилност“.

Даниел Сервер, професор на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон и експерт за Балканот, рече дека обновувањето на американската посветеност на тој регион, во соработка со европските сојузници, е клучен предуслов за решавање на преостанатите проблеми, извести „Радио Слободна Европа“.