Меџити: Управувањето со отпад и чистењето на дивите депонии се врвен приоритет

Министерот за животна средина најави изградба на првата регионална стандардизирана депонија и повика на меѓуопштинска соработка за поефикасен систем за управување со отпад

Фото: Министерство за животна средина и просторно планирање

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска се обрати на 6. Меѓународна конференција „Патот кон одржливо управување со отпадот“, организирана од Здружението за управување со цврст отпад – MASWA.

Во своето излагање, Меџити нагласи дека одржливото управување со отпадот и развојот на циркуларната економија се меѓу приоритетите на Министерството, не само како одговор на климатските промени, туку и како можност за економски напредок преку зелени технологии.

„Управувањето со отпад претставува комплексен предизвик, но и можност за развој на иновативни технологии и за зајакнување на зелена економија. Министерството е посветено на изградба на регионални системи кои ќе ги исполнуваат највисоките европски стандарди, вклучувајќи ја и изградбата на првата регионална стандардизирана депонија во земјата“, изјави Меџити.

Министерот ја потенцираше потребата од тесна меѓуопштинска и меѓусекторска координација, како и имплементација на ЕУ-стандарди, кои според него се клучни за транспарентен и ефикасен систем за управување со отпад. Тој исто така информираше дека Министерството презема мерки за чистење на дивите депонии, со цел да се создаде почисто и побезбедно опкружување за граѓаните и да се унапреди јавното здравје.

На крајот од своето обраќање, Меџити порача дека заштитата на животната средина е заедничка одговорност, а преку соработка меѓу институциите, општините и граѓаните, може да се изгради поздрава и поодржлива иднина за новите генерации.