Ко-основачот на компанијата за социјални медиуми на Доналд Трамп стана свиркач, тврдејќи дека фирмата ги прекршила федералните закони за хартии од вредност и дека поранешниот американски претседател вршел притисок врз извршните директори да ѝ ги предадат акциите на неговата сопруга Меланија Трамп, објави „Вашингтон Пост“.
Поранешниот извршен директор на „Трамп Медиа енд Технолоџи Груп“, Вил Вилкерсон, пријавил дека за да собере повеќе од 1 милијарда долари преку инвестиции, компанијата на Трамп се потпирала на лажни и погрешни тврдења, во спротивност со федералните закони за хартии од вредност. Вилкерсон поднел жалба до Комисијата за хартии од вредност на САД, а како докази доставил неколку електронски пошти, документи, пораки и аудио снимки кои детално ја прикажуваат шемата на жестоки внатрешни борби, техничката неспособност и борбите за моќ во медиумската компанија на Доналд Трамп од нејзиното лансирање минатата година.
Вилкерсон бил отпуштен во четвртокот откако приказната ја споделил со „Вашингтон Пост“.
Медиумската компанија на Трамп ја лансираше и социјалната мрежа „Truth Social“ откако Твитер и Фејсбук го забранија присуството на поранешниот американски претседател на нивните платформи поради неговата улога во немирите во Капитол од 6 јануари минатата година. Покрај социјалната мрежа, компанијата се занимава и со видео стриминг, организирање на настани и онлајн плаќања.
Помеѓу објавените мејлови е и разговорот меѓу Вилкерсон и неговиот колега и ко-основач Енди Литински, кој наводно бил отпуштен затоа што одбил да ѝ ги предаде своите акции, вредни милиони долари, на поранешната прва дама Меланија Трамп. Истовремено, Доналд Трамп веќе поседувал 90 отсто од акциите на команијата во замена за употреба на неговото име, додава „Вашингтон Пост“.
Адвокатите на Вилкерсон соопштиле дека тој соработува со истражители во Комисијата за хартии од вредност, а наводен криминал во медиумската компанија на Трамп истражуваат и федералните обвинители во Њујорк. Предмет на истрага е и спојувањето помеѓу компанијата на Трамп и фирмата „Digital World Acquisition Corp“, кое од октомври минатата година е во мирување поради граѓанските и кривични истраги, како и слабата поддршка од инвеститорите.
На инвеститорите во „Truth Social“ им биле ветени повеќе од 50 милиони корисници до 2024 година, а во моментов, Доналд Трамп, кој е главна „атракција“ на платформата, има помалку од 5 милиони следбеници.
„Гардијан“ пишува дека правните проблеми на Трамп и на неговата компанија се зголемуваат додека тој се бори со федерални и државни истраги во Њујорк, Џорџија и Вашингтон околу неговите деловни практики и лагите дека му била одземена победата за време на претседателската трка во 2020 година.
Минатиот месец јавен обвинител во Њујорк испратил кривична пријава до федералните обвинители во Менхетн во врска со повеќе можни злосторства, вклучително и банкарска измама. Во посебна граѓанска тужба, јавниот обвинител бара отштета од 250 милиони долари, тврдејќи дека Тамп, неговите три возрасни деца, деловната организација и други лица со години поднесувале лажни финансиски извештаи.