fbpx

Медиумите зависни од политиката и бизнисот, а новинарите незаштитени

-

Американскиот Стејт департмент минатата недела го објави извештајот за состојбата со човековите права во 2019 година во Северна Македонија, во кој, освен напредокот постигнат во одредeни области, има и сериозни забелешки. На состојбата со слободата на говорот и на медиумите ѝ е посветено големо внимание. Има сериозни примери на прекршување на ова основно човеково право, без кое не може да функционира едно демокрaтско општество. Освен критиките за слободата на медииумите, во извештајот се истакнуваат и сериозни слабости поврзани со борбата со широко распространетата корупција и насилството врз маргинализираните групи, како што е ЛГБТ-заедницата.

Во воведот на извештајот се нотира дека владата има направено напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразувањето, но во исто време се истакнува дека има сериозни проблеми што досега не се надминати. Владата се фали за подобрувањето на вкупната состојба и политичката клима за медиумите. Во тој контекст се спомнуваат напорите на владата да го подобри медиумското законодавство како и субвенционирање на печатените медиуми. Освен тоа, позитивно се оценува отворениот дијалог на професионалните новинарски организации со владата и зголемената транспарентност на иституциите. Додека известувањето на медиумите продолжува да биде главно поделено по политички линии, бројот на независните гласови во медиумите што изразуваат различни гледишта без ограничување продолжува да расте, се вели во извештајот.

Со тоа завршуваат позитивните оценки на американската администрација за состојбата со слободата на говорот и на медиумите во 2019 година. Другиот дел од извештајот од цели три страници, се фокусира на слабостите на системот, кој досега не успеал да ги адресира прашањата што предизивикуваат загриженост кај медиумите и новинарите.

Медиумите им служат на политички и економски интереси

Основна загриженост кај САД за слободата на говорот и на медиумите предизвикува слабата независност на медиумите и насилството и заплашувањето на новинарите, каде што владата не успеала да постигне сериозни резултати. Во тој дел се цитира извештајот на „Фридом хаус“ за 2019 година, кој заклучува дека „додека медиумите и цивилното општество се активни, новинарите и активистите се соочуваат со притисок и заплашување“. Преземена е оценката од оваа релевантна свестска организација во врска со состојбата со традиционалните и онлајн-медиумите.

„Медиумскиот амбиент е длабоко поларизиран врз политичка основа, и приватните медиуми често се поврзани со политички и економски интереси, кои влијаат на нивната содржина. Има неколку критички и независни медиуми, кои претежно се присутни во онлајн просторот, стои во извештајот.

Институциите не ги казнуваат напаѓачите на новинарите

Во врска со насилството врз новинарите се потсетува дека во текот на годината имало неколку вербални закани и вознемирување на новинарите. Овој заклучок се поткрепува со оценката на претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, кој на Глобалната конференција за медиуми во Лондон рекол дека најголем проблем што ја попречува слободата на изразувањето е политиката на неказнивност на напади на новинари. Од 12 регистрирани напади на новинари, само еден случај е завршен целосно. Тоа е случајот со актерот Тони Михајловски, кој во 17 мај 2019 година од Основниот суд Скопје беше осуден со условна казна од три месеци затвор за заканите против новинариот Бранко Тричковски.

Повикувајќи се на извештајот на Европската Унија, Американците ја повикуваат земјата преку судските органи брзо и ефикасно да ги процецусира сите примери на физички и вербални напади врз новинарите. Овој повик е проследен со неколку илустративни примери, каде што институциите не постапиле за напади врз новинари. Првиот пример што се спомнува во извештајот е случајот на поранешниот претседател на ЗНМ, Насер Селмани, во кој од 31 август 2018 година, кога пријавил дека добивал закани од лица блиски до Демократската унија за интеграција, нема напредок во истрагата.

Вториот пример што е спомнат во извештајот на американскиот Стејт департмент во врска со нападите врз новинари што поминал без истрага од институциите, е случајот во кој блиски соработници на градоначалничката на Арачиново, Меликије Халими, вербално им се заканувале на новинарите и насилно ги привеле во општинската зграда со барање да го избришат снимениот материјал. Нападот бил осуден од Високиот претставник на ОБСЕ за слободата на медиумите, Харлем Дезир, кој инцидентот го оценил како „безсрамен напад врз слободата на медиумите“. Случајот бил осуден и од ЗНМ и Агенцијата за медиуми. Во извештајот се заклучува дека „полицијата не отворила истрага за случајот затоа што, според нив, новинарите не го пријавиле официјално случајот во полиција. Обвинителот исто така не отвори истрага“, е констатирано во Извештајот.

Политичкото рекламирање ги политизира медиумите

Друго прашање поврзано со слободата на медиумите што го привлекува вниманието на Стејт депарментот е квалитетот и примената на медиумското законодавство. Јасно се потенцира дека владата не презела мерки за решавање на загриженоста на медиумските актери изнесени во писмото од јули 2018 година поврзано со законските измени во Изборниот законик, во кој се дозволува парите на даночните обврзници да се користат за политички кампањи во комерцијалните медиуми. Во ист контекст го ставаат владиното рекламирање, кое формално е прекинато. Меѓутоа политичкото рекламирање озаконето пред референдумот за името, според европскиот извештај, кој делумно е пренесен и тука, претставува ризична политизација на уредувачката политика.

Во овој дел се констатира и усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, со кои требаше да се избере ново раководство на Македонската радио-телевизија и на медиумскиот регулатор, според нова методологија. За тоа прашање Американците го цитираат извештајот на Европската комисија, кој вели дека за спроведување на законот ќе биде потребно „силна политичка волја за да се гарантира професионалност, почитување на приниципите на транспарентност, избор заснован на заслуги и правична застапеност“.

Притисокот од Втладата поттикнува самоцензура кај новинарите

Следната загриженост што ја истакнуваат Американците во извештајот за слободата на медиумите е и квалитетот на новинарството. Говорат за присуството на гласини за приситок на Владата врз новинарите со цел да поттикне самоцензура. Освен тоа, повикувајќи се на Извештајот на ЕК, тие се осврнуваат и на отсуството на подобрување на социјалните и работните права на новинарите, додека нивните услови за работа ги опишуваат како многу лоши. „Како резултат на тоа, новинарите сè уште практикуваат самоцензура“, се цитира европскиот извештај и се додава дека разговорите на Самостојниот синдикат на новинарите не резултирале со склучување колективни договори со ниту една медумска куќа. Се спомнува и фактот на присуството на лажни вести во онлајн-медиумите повикувајќи се на пресудите на Советот за етика во медиумите.

САД ја делат со Европската Унија општата оценка за состојбата со тужбите за клевета и навреда против новинари од страна на политичари. Тие се согласуваат со Брисел дека биле преземени првични чекори за да ги ограничат казните за клевета и да се сведат на симболични со цел да се подобри балансот помеѓу слободата на изразувањето и заштитата на угледот. Меѓутоа, Американците ваквата општа оценка ја илустрираат со конкретни примери кога политичари им се заканувале на новинари со тужби.

Првиот опишан пример е на потпретседателот на Владата, Бујар Османи, кој во јануари се зкананил дека ДУИ ќе тужи неколку новинари и медиуми што обвинувале нивни функционери за злоупотреби на пензискиот фонд. На тоа реагира и ЗНМ, повикувајќи ги политичарите да се воздржат од тужби против новинари. Состојбата со заканите со тужби се поврзува и со изјавата на портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијалнчиќ, која тоа време ги потсетила властите со препораките на Комисијата дека земјата треба да има нулата толеранција за физички напади и вербални вознемирувања како и закани против новинари. Освен тоа, таа инсистирала политичките актери да не се закануваат со законски последици врз медиумите поради нивното известување.

Во извештајот најдоа место и заканите со тужби за клевета против новинари од секретарот на Владата, Драги Рашковски, поради нивното критичкото известување за набавката на опремата за системот за навигација за скопскиот аеродром.

Како последно прашање што го привлече вниманиетот на Вашингон за состојбата со слободата кај нас е осудата на ЗНМ и на СЕЕМ на говорот на омраза против Албанците од навивачите на Вардар на прославата на победата во Евроскиот куп. Повикувајќи се на двете организации, во извештајот се истакнува дека медиумите не успеале да ги осудат говорот на омраза и повиците за насилство и нетолеранција. На крајот се наведува дека ваквото неприфатливо однесување на навивачите било осудено од Хелсиншкиот комитет, невладината Цивил како и од политичките партии на Албанците, кои ги повикале институциите да ги казнат престапниците што ширеле говор на омраза.

Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изложба „Уметници и бегалци“ во Чифте Амам

Изложбата „Уметници и бегалци“ ќе се отвори во вторник (2 aприл) во Националната галерија Чифте Амам во скопската чаршија. Делата на изложбата се инспирирани од сведоштва кои биле директно раскажани...