fbpx

Медиумите во време на пандемија, приватност и исклучоци

-

Балансот помеѓу потребата за професионално и инспиративно известување од една страна и приватноста на заразените пациенти со ковид-19 од друга страна, е еден од новите предизвици со кој се соочени новинарите, а експертите велат дека изборот мора да се направи внимателно.

Покрај загрозувањето на личното здравје, со избувнување на пандемијата на ковид-19 медиумите во Косово се соочија со нова ситуација за која требаше да се известува секојдневно.

Се ширеа лажни вести и неточни информации, без претходно да се идентификуваат случаите на инфекции во земјата. Штом излегоа вестите за првите две заразени лица, името на лицето за кое се верува дека е извор на инфекцијата се прошири многу брзо во некои онлајн медиуми.

Набргу потоа, самите претставници на институциите, вклучително и градоначалниците, почнаа да објавуваат за случаи на инфекции, смртни случаи или заздравувања, притоа објавувајќи ги идентитетите на засегнатите лица.

Идентификацијата на заразените лица беше брзо осудена од здруженијата на новинари и други експерти кои тврдат дека приватноста на пациентите, особено на оние кои не се јавни личности, треба да биде неповредлива.

Дури и надвор од пандемијата, косовските закони јасно предвидуваат одговорност за поединците и медиумите во врска со приватноста на пациентите и за заштита на личните информации воопшто.

Уставот на Република Косово во член 36 предвидува дека „секое лице ужива право на заштита на личните податоци“.

Прекршувајќи ги овие правила, поединците, медиумите и организациите може да се соочат со глоба и други казни.

Флутура Кусари, адвокат за правата на медиумите, ја истакнува штетата предизвикана од мал дел од косовските медиуми во врска со приватноста на пациентите.

„Во време на пандемија, заштитата на приватноста на пациентите е една од главните одговорности на новинарите. Некои медиуми – иако во мал број – сериозно и намерно ја нарушија приватноста на пациентитем откривајќи ги нивните идентитети и предизвикувајќи скоро непоправлива штета“, вели таа.

Според неа, објавувањето на идентитетот на болните е поприфатливо кога се работи за јавни личности, но не секогаш.

„И во такви случаи, интересот на јавноста треба да се процени добро “, додава Кусари.

Кога е прифатливо да се објават имињата на болните со ковид-19?
Слично како и другите бизниси, косовските медиуми го почувствуваа економскиот удар предизвикан од пандемијата, а сега е додаден и личниот ризик за новинарите и снимателите, со одговорноста за известување во ваква состојба.

Албан Зенели, предавач на Одделот за новинарство на Универзитетот во Приштина, вели дека непрофесионалното известување и пласирањето на лажни вести во врска со Ковид-19 било почесто на социјалните мрежи отколку во мејнстрим медиумите.

„Различни страници на социјалните мрежи ја искористија оваа ситуација со цел да се зголеми онлајн сообраќајот. Тука може да се најде примената на теоријата на медиумски ефект, според која социјалните мрежи ја користат емотивната состојба на публиката, како што се стравот, несигурноста, паниката и слично, за да добијат кликови честопати од несвесна јавност, која дејствува под влијание на овие емоции“, вели тој.

Со зголемувањето на бројот на случаите со ковид-19, во земјата почнаа да се појавуваат други проблеми, за кои заразените лица или нивните семејства сакаа да зборуваат во медиумите. Истрагите за сомневања за разни злоупотреби вклучуваа и ставови на заразените или нивните семејства.

Според Флутура Кусари, во секој случај на известување при што е вклучен идентитетот на заразените, покрај нивната согласност за изјава, треба да се разгледа дали засегнатото лице ги разбира можните последици од таквото известување.

„Објавувањето имиња на пациенти или списоци на лица во карантин е флагрантно кршење на приватноста. Објавувањето имиња на заразени лица може да се направи само кога самото заразено лице ќе даде одобрение за откривање на здравствените податоци, а новинарите мора да се осигурат дека ова одобрение е дадено од субјект кој добро ги разбира последиците. Често се случува некои субјекти да бидат злоупотребени од медиумите затоа што истите се охрабруваат да откриваат податоци без добро да ги разберат последиците што следат по известувањето “, потенцира Кусари.

Албан Зенели исто така ја нагласува потребата за внимание на медиумите во однос на приватноста на пациентите.

„Правото некои податоци, вклучително и медицинските, да бидат само приватни е основно човеково право и медиумите треба да го почитуваат тоа, и покрај фактот дека може да има јавен интерес за нив. Дури и со етичките и професионалните кодекси што се применуваат во Косово и важечките закони, правото на приватност за не-јавни личности, како што се повеќето од оние кои се засегнати од Ковид-19, е неприкосновено. Затоа, медиумите мора да продолжат да го почитуваат тоа“, вели Зенели.

Дилемите за откривање на идентитетот и известувањето за жртвите на КОВИД-19 не ги поштеди ниту светските престижни медиуми.

Создавајќи историја во медиумското известување, „Њујорк Тајм“ (The New York Times) на 24 мај објави имиња на 1.000 смртни случаи од КОВИД-19, што претставува само еден фрагмент од смртни случаи од вирусот во САД. Историската предна страница е придружена со описот „загуба која не е пресметана“.

Од друга страна, во Косово досега се регистрирани 30 жртви, а идентитетите на некои од нив се објавени.

Експертите тврдат дека стигматизирањето на луѓето кои живеат со инфекција е главен ризичен фактор од известувањето, со оглед на малобројното население.

„Убеден сум дека сè додека личноста не е јавна личност, нема потреба да се прават исклучоци при откривање на идентитетот на лицата погодени од пандемијата. Медиумите треба да направат јасна разлика помеѓу јавниот интерес, односно кога информациите ќе му помогнат на општиот и јавниот интерес за да се знае повеќе“, вели Зенели.

Тој додава дека „честопати сакајќи да го претстават како јавен интерес, медиумите ги откриваат идентитетите на луѓето, а всушност трчаат по јавниот интерес“. Сепак, според Зенели, стигмата за заразените може да го отежни справувањето со инфекцијата.

Во моментов во Косово се регистрирани 1064 случаи со СОВИД-19, оздравени се 829 и 30 се умрени.

Пишува: Дорунтина Балиу

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...