Може да се верува дека нема област од јавниот и општествениот живот каде годината што измина немаше динамични промени и настани, кои, во крајна линија не мораа да имаат јасен и недвосмислен одраз врз подоброто живеење на граѓаните. Она што се случуваше во медиумската област е секако одраз најпрвин на претседателските избори кои ја одбележаа пролетта, ги поттурнаа настаните кои календарски можеби и не беа „подесени“ да се случат годинава, пишува „Вистиномер.мк“.

На нив секако имаше одраз и она што се случи претходната год (Преспанскиот договор), но и фактот дека заради недобивањето на датум за преговори со ЕУ, се закажаа предвремени избори за април 2020 година, кои донесоа нови „поделби на картите“ во многу важната медиумска сфера. Но, што би одбрале како десет теми од оваа област, клучна за владеењето на демократијата во секоја земја.

1. Донесување и ново блокирање на дел од Законот за медиуми

Во релативно оптимистичка атмосфера неколку денови пред почетокот на 2019 година во Собранието беше донесен Законот за медиуми, откако и подолго време неговиот текст беше блокиран во Комисијата за транспорт, врски и екологија од страна на опозицијата.

Со Законот требаше да се одблокираат и кадровските смени во Агенцијата за аудио и визуелни медиуми и во Македонската радио и телевизија. Законот беше донесен на 28 декември 2018 години, но објавен е во првите денови на јануари 2019, со што и формално влегува во тековната година.

2. Стагнирачки економски показатели на телевизиите

Според податоците на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, приходите во медиумската индустрија, од година во година се во опаѓање. Лани, во споредба со 2017 година тие бележат пад од 6% и воедно се најниски приходи во последните пет години: приходите на Македонската радио-телевизија се намалиле за 8,4%, на комерцијалните телевизии за 4,5%, а на комерцијалните радиостаници за 3,6%“.

3. Јавното обвинителство ја отфрли кривичната пријава против новинарот Тричковски

Во средината на 2017 година во „Слободен печат“ беше објавена колумна („Ќе го из***аме Иванов како бубрежен камен“) која доведе до тужба на двајца носители на јавни функции – на тогашниот претседател Иванов и шефот на опозицијата Мицковски до ОЈО.  Но, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на писменото известување – кривичната пријава поднесена против едно лице за сторени кривични дела: Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 1, Убиство на претставници од највисоките државни органи од член 309, Повикување на насилна промена на уставниот поредок од член 318 и Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа од член 319 став 1 од Кривичниот законик.

4. Македонија-изворник на лажни вести

Земјава како да се устоличува дека како извор на фејк њуз и тоа во сериозни напливи. После онаа епизода со велешките момчиња и нивното учество во креирање на лажни вести во корист на претседателскиот кандидат Трамп, која едноставно си легна како ништо да не било, во текот на јануари се јави еден Белгиец  – Мартен Шенк, кој открил цела мрежа на наши граѓани како креатори на вакви вести. Тој на сајтот „Nieuwscheckers.nl“ објави дека велешките момчиња се „аматери“ во однос на неговите откриени персони, на чело со кумановчанецот Цаго – Слаѓан Бојковски, инаку припадник на АРМ.

5. Политичарите како креатори на лажни вести

Основниот суд 2 годинава го осуди потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски дека конструирал лажни вести за братот на премиерот Вице Заев со кои истиот се прогласува за главен бизнис фактор во државата . Истиот функционер беше обработуван и во „Вистиномер“ како креатор на лажни вести од министерскиот состанок во Луксембург. И неговиот сопартиец Антонијо Милошоски беше обвинет дека креира лажни вести. Една од нив беше поврзана со писмата на Јанева од истражниот затвор, по што беше наречен „познат креатор на лажни вести“ .

6. Дијаспората активно вклучена во спинувањето против Преспанскиот договор преку социјалните мрежи

Во неодамна објавеното истражување на „БИРН“ Македонија, со многу детали за кампањата која на социјалните мрежи е водена против Договорот од Преспа, односно во корист на политичките организации кои се заложија за бојкотирањето на референдумот за (не)прифаќањето на тој Договор, вклучени се и стручњаци од дијаспората во САД, Норвешка и други земји.

7. Лажниот сјај на „1ТВ“

Телевизијата „1ТВ“ на Боки 13 годинава ја доживеа својата годишнина и непосредно потоа својата пропаст како медиум, вовлечена во низа скандали, главно индиректно, но сеедно – без финансиска потпора и со долгови. Гала претставата за одбележување на првиот роденден ги собра сите припадници на ВИП друштвото во земјава, пред сè претставниците на трите власти и покрај бизарноста на замислената „приредба“.

8. Згаснување на дневниот весник „Независен“

„Независен“ беше последниот дневен весник на македонскиот пазар кој престана да се печати, почнувајќи од минатиот месец. Тој стартуваше на 27 ноември 2017 година, во почеток како бесплатен и го делеше посебна колпортерска екипа. Зад него стоеше грчки капитал, со седиште во Тирана. Членови на редакцијата беа главно поранешни новинари на „Утрински весник“.

9. Сопственички промени во „Алфа ТВ“

Кон крајот на јули 2017 година, извесен Петер Шац од Будимпешта стана еден од сопствениците на македонската телевизија со национална концесија, „Алфа ТВ“. Покрај Унгарецот, во сопственичката листа на „Алфа ТВ“ влезе и релативно непознатиот Горан Балаќ од Земун. Двајцата заедно го имаат најголемиот удел во телевизија, во која како дел од сопственичката структура се јавуваат уште неколку фирми. БИРН се обидел да го контактира Петар Шац, и да го праша за неговите планови со оваа медиумска куќа, меѓутоа тој не одговорил на прашањата што му биле испратени.

10. Кадровски промени во медиумите

Дали заради претстојните парламентарни избори или од други причини, познати на сопствениците, во неколку медиуми дојде до крупни промени во уредничките фотелји. Кај споменатата „Алфа ТВ“ Ефтов стана директор и главен и одговорен уредник во април 2018, отако претходно беше уредник на најгледаната емисија на овој радиодифузер – „Во центар“. Со промената во сопственичката структура Ефтов како директор е заменет од Јани Бојаџи, режисер. Во септември главен и одговорен уредник стана Искра Коровешовска.