Претставниците на медиумските здруженија и новинарите, Владата, државните органи за заштита на човековите права, невладините организации, образовните и истражувачките субјекти од областа на медиумите и заштита на слободата на изразување и човековите права, денеска ја потпишаа декларацијата за борба против говорот на омраза во медиумите и на Интернет.

Од денеска пак, борбата против говорот на омраза ќе биде на еден организиран начин, односно од мрежата која е формирана со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и од Советот за Етика на Медиумите на Македонија (СЕММ), известува „Порталб.мк“.

„Денеска е врвот на заложбите против говорот на омраза во медиумите. Во текот на 2018 година Европската комисија подвлече дека, законската рамка за ова прашање во Македонија е во ред но не се спроведува, особено во медиумите, и на Интернетот каде не се почитува новинарската етика. Мисијата на ОБСЕ е да се поддржи Охридскиот договор чија што цел е рамноправноста. Сигурен сум дека оваа мрежа ќе доведе до намалување на говорот на омраза, ќе ги анализира причините за настанување на говорот на омраза и за криминалот од омраза“, рече амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.

Директорот на СЕММ, Марина Тунева изјави дека идејата на формирање на една ваква мрежа им дошла како резултат на жалбите кои ги примиле во врска со непочитување на новинарската етика од страна на медиумите.

„Говорот на омраза во медиумите предизвика штета во општеството, ова го потврдуваат и жалбите кои се поднесени во СЕММ, каде што во текот на минатата година 23,7 проценти од нив се однесувале на говорот на омраза и дискриминација“, изјави Тунева.

Претседателот на Комисијата за жалби на СЕММ, Мирче Адамчевски изјави дека врз основа на жалбите кои им пристигнале во врска со говорот на омраза и дискриминација во медиумите, може да се заклучи дека голема улога во распространувањето на говорот на омраза има политиката.

„Политиката влијае на зголемувањето или намалувањето на ширењето на говорот на омраза и ова го докажуваат и податоци од жалбите кои ни се доставени. На пример, во текот на 2017 година од сите жалби 13 проценти од нив се однесувале на говорот на омраза, а во 2018 година имало пораст за 10 проценти односно 23 проценти. Што повеќе политиката создава поларизирања и поделби, толку повеќе се шири говорот на омраза“, рече Адамчевски.

Претседателката на Управниот одбор на СЕММ, Катарина Синадиновска порача дека говорот на омраза не треба само да се препознае, туку и да са казнува, но првин треба да се обучиме со цел истото да се спречи.

Од влегувањето во сила на новите измени и дополнувања на Кривичниот законик за говор на омраза, односно од февруари 2014 година, Кривичниот суд Скопје осудил само две лица парично за говор на омраза. Бројот на казни е многу мал, споредено со бројот на пријави во дигиталната платформа „Пријави и спротивстави се на говорот на омраза“ каде за истиот период се регистрирани 341 случаи, а полицијата има поднесено кривични пријави за 24 случаи.

Потписници на декларицијата  против говорот на омраза во медиумите и интернетот се: Министерството за внатрешни работи, Министерството за информатичко општество и администрација, Кабинетот на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчет и транспарентност, Народниот правобранител, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Здружението на новинари на Македонија, Независен Сојуз на новинари на Македонија, Фондацијата „Метаморфозис“, Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми, Центарот за развој на медиуми, Хелсиншки комитет, Коалицијата „Маргини“, Институтот за истражување на општествениот развој и Центарот за интеркултурен дијалог. Мрежата е отворена за заинтересираните страни кои сакаат да се придружат.