Медиумите не се адаптирани за потребите на младите со посебни потреби

Фото: Мета.мк

Учесниците на денешната панел дискусија, која се одржа на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во рамки на одбележувањето на Деновите на медиумската писменост, порачаа дека во борбата за справување со лажните вести треба да има и медиуми кои ја адаптираат објавената содржина и за младите со посебни потреби.

Кристијан Лазаров, студент и активист за правата на лицата со оштетен вид посочи дека освен некои важни вести, нема медиумски содржини за глувите лица, а нема ниту адекватни содржини за слепите.

„На пример со гласот Кико што беше креиран пред две години и гласот Сузе што беше креиран пред неколку месеци, текстуалните содржини на македонски јазик може да се направат и како аудио. Овие алатки може да се додадат на веб-страниците на медиумите“, рече Лазаров.

Вонредниот професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Бранислав Геразов, појасни дека медиумите сега имаат можност да користат и фонтови кои ќе бидат адаптирани и за лицата со дислекција.

Учесниците на панел дискусијата истакнаа дека медиумската писменост е важна за секој граѓанин, а особено е значајна за студентите на Филолошкиот факултет кои еден ден стекнатите вештини ќе ги користат за борба против дезинформациите и од високото образование тие ќе ги пренесат во основното и средното.

Програмската координаторка Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии истакна дека ова е еден од првите предвидени настани од проектот.

„Ние од Институтот сме многу среќни, бидејќи ова се едни од првите настани кои се организираат, денеска конкретно од колегите од Филолошкиот факултет како грантисти, ова е една нивна активност за вклучување на медиумската писменост во наставните програми во високото образование. Филолошкиот факултет е еден од четирите факултети кои од годинава почнуваат со адаптација на постоечките студиски програми со нови содржини од исклучителна важност, во насока на тоа идните наставници да бидат доволно обучени за пренесување на вештините за критичко толкување на медиумските содржини“, изјави Теменугова.

Кристина Н. Николовска која е доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет и раководителка на проектот, е согласна дека медиумската писменост е клучна со цел подобрување на целокупната состојба со медиумската писменост во државава.

„Сметам дека навистина е важно медиумската писменост да биде вклучена во високото образование, но особено за Филолошкиот факултет е значајно, бидејќи онака како што се замислени сега, работите медиумска писменост во основното и средното образование ја предаваат наставници по мајчин јазик, ова е местото каде ги продуцираме овие кадри, и очекуваме дека тие кога ќе дојдат на своето работно место ќе бидат веќе медиумски описменети и ќе можат добро да ги описменуваат младите луѓе, тоа е едниот важен аспект, а другиот е дека голем дел од нашите студенти започнуваат кариери во медиумите. Сметам дека е навистина важно овие студенти да имаат предзнаења за тоа како се создаваат приказните, како да бидат коректни во начинот на кој тие приказни ги претставуваат. Медиумската писменост е значајна за секој граѓанин, затоа што секој мора да знае како да функционира во овој свет во кој сме опкружени со дезинформации“, порача Николовска.

Вонредната професорка на Катедрата по македонски јазик на Филолошкиот факултет, Гордана Алексова изрази надеж дека оваа иницијатива ќе ги мотивира и останатите учесници во креирањето на образовниот процес за поголеми чекори, со цел целосна вклученост на медиумската писменост преку креирање посебен предмет.

„Новиот концепт на медиумската писменост се темели на три важни принципи, главно препознавањето на медиумските содржини, нивното анализирање и вреднување, како и креирањето и создавањето различни видови медиумски содржини за што првенствено треба да ги оспособиме нашите студенти за понатаму тие да можат да ги пренесат овие способности во основното и средното образование. Медиумската писменост веќе е присутна во наставните содржини, но би било одлична идеја кога тие содржини би биле издвоени како посебен наставен предмет, за да се видат придобивките од нивното спроведување“, оцени Алексова.

Проектот „Воведување на идните филолози во сферата на медиумската писменост“ е дел од програмата „Младите размислуваат“, којашто е финансирана од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), а ја спроведува ИРЕКС во соработка со локалните партнери Институтот за комуникациски студии (ИКС), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Младинскиот образовен форум (МОФ).