Вирусот Ковид 19 не е нов, ниту е во прашање карантинска болест, а луѓето премногу лесно се ставаат на респиратори. Ова се дел од тврдењата кои ги изнесе македонскиот инфектолог, професорот Вело Марковски, во емисија на македонската телевизија „Алфа“. За да ја провериме вистинитоста на ваквите тврдења, му се обративме на епидемиологот Зоран Радовановиќ. Излезе дека професорот Марковски во своето излагање изнел дискутабилни и невтемелени тврдења за вирусот.

Видео интервјуто во кое професор Марковски го изнесува своето гледање на ситуацијата со корона-вирусот е емитувано на македонската ТВ „Алфа“. Набргу беше пренесено од портали во целиот регион, а еден дел долг петнаесетина минути беше и преведен на српски. Беше споделен и на Фејсбук на страницата „Nova borba“.

Марковски, меѓу другото, во интервјуто изјави дека „немаме валидни серолошки тестови за докажување на IgM антителата за да можеме да кажеме дека еден човек е заболен од корона-вирусот“.

Радовановиќ истакнува оти е точно тврдењето на Марковски дека во моментов нема серолошки тестови со кои може да се докажат IgM антителата (како и претходно прележана инфекција, односно IgG антителата). Но, како што наведува Радовановиќ, наскоро ќе ги има, и додава дека присуството на вирусот може да се докаже со техниката ПЦР.

„Луѓето премногу лесно ги ставаат на респиратори“

И респираторите беа една од темите за кои што зборуваше Марковски во емисијата. Тој тврди дека луѓето биле прелесно ставани на респиратори.

-Работена е студија со 180 пациенти, од кои половина починале. Пациентите кои биле ставани на респиратори имале 54 отсто смртност, додека пак од пациентите кои исто така биле критични, но не биле ставани на респиратор, починале околу 46 отсто. Тоа значи дека имало дури осум проценти помалку починати кои биле во критична состојба, но не биле на респиратор. Она што сакам да кажам е дека една од причините за толкав број на починати во Италија и во Кина се и премногу агресивните методи во медицината – рече Марковски.

Нашиот соговорник објаснува дека „кај нас луѓето се вклучуваат на респиратори кога ќе почнат да се гушат“.

– Во Белград многу помал е процентот на оние кои преживуваат на респиратор од оној што го кажува Марковски, но тоа е така бидејќи на апарати се приклучуваат болни за кои е јасно дека нема да преживеат. Таков пример е, да речеме терминалниот стадиум на ракот на белите дробови. Докторот не смее да дозволи пациентот да помодри, а ништо да не превземе, дури и ако се работи само за продолжување на животот за ден-два – вели Радовановиќ.

„Лаиците сакаат да прават карантин во спортска сала“

Марковски во емисијата го коментираше и тоа што спортски сали и други простори се преуредуваат за лекување од корона вирусот. Само за потсетување, во Србија салите на Белградскиот саем и спортската сала „Чаир“ во Ниш се претворени во таканаречен карантин.

-Замислете си сега карантин во спортска сала. Па, чекајте, сакате да кажете дека ние ќе ги жртвуваме тие луѓе? Имаме ние многу други начини, но, ете така размислуваат лаици – истакнува Марковски.

Радовановиќ, пак, истакнува дека Марковски „не разликува карантин од привремена болница“.

-Карантин е превентивна изолација за лица кои биле во контакт со извор на заразата, па можеби се во инкубација. Тука е од голема важност тие меѓусебно да бидат одделени по соби, за да не се случи оној што заболел да им ја пренесе болеста на останатите во карантинот – појаснува тој.

Иако, според него, хотелското сместување е најдобро решение, сепак, спортските сали служат за сместување на полесно болните.

-Сите се веќе заразени, па не ги загрозуваат другите околу себе, барем што се однесува до болеста. Се работи за вонредна состојба, како поплава, земјотрес и слично. Тоа е исто како кога во војна се поставува полска болница за ранети. А што би била алтернативата ако е јасно дека болниците ќе се преполнат? Нормално е дека ќе се оди на импровизирани решенија – заклучува Радовановиќ.

„Не е карантинска болест“

Светската здравствена организација кон средината на март објави документ наречен „Согледувања за карантин на индивидуални лица во контекст на справување со корона вирусот (Ковид 19)“, во кој се препорачува 14 дневен карантин за лица кои имале контакт со заразено лице.

Докторот од Македонија, меѓутоа, во текот на своето гостување во емисијата истакна дека Ковид-19 не е карантинска болест.

-Се знае листата на карантински болести, тоа се хеморагиските трески, тоа е колерата, вариола вера, за која сметаме дека е искоренета – наведе Марковски.

Радовановиќ вели оти не е точно дека Ковид-19 не е карантинска болест.

Во Меѓународниот здравствен правилник од 2005 година се наведува дека најпрвин со овој Правилник биле опфатени шест карантински болести, но дека подоцна биле внесени измени, со кои бројот на опфатените области бил намален на три.

-Повеќе не постојат класични карантински болести, туку народноздравствени итности од меѓународно значење. Тоа можат да бидат чумата, колерата, но и некои незаразни здравствени пореметувања. Во моментов таков статус има Ковид-19 – објаснува Радовановиќ.

Точно е дека Правилникот од 2005 година имаше неколку иновации, од кои едната беше дека обемот на примената на прописите „не е ограничен на која било специфична болест или начин на пренесување и опфаќа ,болест или здравствена состојба, независно од потеклото или изворот, која може да претставува ризик и да предизвика поголема штета на популацијата’“.

Ова е познат вирус, кој за првпат е откриен во 1965 година – вели Марковски уште на почетокот на снимката.

-До толку е опасен што студентите доброволно се заразувале со него за да можат да видат каква е клиничката слика. На тој начин виделе дека спаѓа во групата вируси кои предизвикуваат настинки од кои се разболуваме и по четири пати годишно – додава Марковски.

Тој, никаде, меѓутоа, не вели дека ова се однесува на Ковид-19.

Нашиот соговорник, епидемиологот Зоран Радовановиќ објаснува дека постојат седум различни видови на вирусот корона, а дека Марковски тука „мисли на целата група корона -вируси, а не конкретно на SARS-CoV-2

-Во минатиот век се откриени четири што предизвикуваат настинка. Во ова столетие човештвото се соочи со три причинители на опасни болести. За САРС се дозна во 2002-2003 година, за МЕРС во 2012, а за Ковид-19 кон крајот на минатата година – истакнува нашиот соговорник.

Дека Марковски во оваа своја изјава не мислел на Ковид-19 се гледа и од неговиот исказ дека „сега имаме нови методи со кои можеме да утврдиме дека корона вирусот или Ковид постоел и пред 5 и пред 10 години, дека имал слични епидемиски својства, но не го докажувавме“.

Радовановиќ објаснува дека Ковид-19 или негов многу близок сродник навистина постоел кај животните „којзнае од кога“. Но, како што кажа, тој почнал да предизвикува заболување кај луѓето најверојатно дури од ноември 2019 година.

Дека се работи за новооткриен вирус, наведува и Светската здравствена организација.

Интересно е дека ова интервју беше поставено и на Јутјуб каналот на движењето „Доста беше“, каде се тврди дека професорот ја кажал „правата вистина за корона вирусот“. Ова движење, инаку, смета дека „паниката и хистеријата поврзана со корона-вирусот ја предизвикале глобалистичките медиуми (пред сè Си-ен-ен) и Светската здравствена организација и нејзините „експерти“.

Телевизија „Алфа“, на која беше емитувана емисијата, инаку, веќе подолго време е поддржувач на десницата, односно на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски. По бегството на Груевски во Будимпешта, оваа телевизија беше купена од страна на унгарска компанија, поврзана со Виктор Орбан, премиерот на Унгарија. Професорот Марковски предава на универзитет основан од Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Милијана Милетиќ