Фото: serbuxarev на Pixabay

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот и во светот.

Сервисот на ЕУ за проверка на информациите од Источната наменска група на ЕУ euvsdisinfo.eu следејќи ги медиумите блиски до Кремљ, односно официјална Москва, во текот на минатата седмица регистрирал поместување на фокусот од дезинформации за протестите против расната нееднаквост кон фабрикувани обвинувања за „не-дела“ на САД низ светот.

Додека САД се високо во вниманието на светската јавност со расно мотивираните протести, медиумите поврзани со официјална Москва ја користат можноста да ја потсетуваат јавноста на своите омилени анти-американски дезинформациски наративи. Еден од првите принципи на дезинформирањето е да се пишува за теми и области за коишто јавноста е во моментот силно заинтересирана и склона да „проголта“ дезинформации, создавајќи илузија дека дезинформацијата има основа во подлабока и присутна вистина.

„Затоа и не изненадува тоа што медиумите блиски до Кремљ ја избираат актуелната ситуација за да „потсетуваат на не-делата и пропустите“ на САД, обидувајќи се да ги поттикнат перцепциите за различните варијатни на „американското зло“ низ светот, и, се разбира, во исто време да го одвлечат вниманието од не-делата на официјална Москва. (Илегално анектирање на Крим од страна на Москва? Не – тоа е законско повторно здружување. Труењето на Скрипалови, за кое беше потврдено дека го извршиле агенти на руската воена разузнавачка служба ГРУ? Тоа е сомнителен скандал со двојни шпиони, во кој всушност не може да се утврди што точно се случило. Хакирањето на германскиот Бундестаг во 2015 година од страна на руски хакери? Нема докази!)“, пишува euvsdisinfo.eu.

За протестите во САД
Во однос на оваа тема, дезинформациите минатата седмица биле речиси повторување на веќе напишаното и искажаното од претходната седмица. Се тврдело дека американското општество доживува „системски колапс“, којшто се развивал долго време, но сега станал очигледен поради демонстрациите. Се пишува и дека демонстрантите добиваат однапред набавени тули во многу градови во САД, а протестите во САД ќе завршеле исто како „Еуромајдан“ во Украина: со корупција, нацизам и сепаратизам. Се пишувало и дека се тие „Шарена револуција“ како протестите низ светот што биле поддржувани од САД, но во овој случај во САД поддржана од Демократската партија, Бил Гејтс и Џорџ Сорос, а Вашингтон конечно го добивал она што го правел на други – во овој случај, како што тврдат дезинформирачките содржини, обид за симнување од власт на претседателот Доналд Трамп.

За медиумите
Одлуката на Фејсбук да ги означува медиумите поддржувани од државата пред претседателските избори во САД годинава го предизвикал гневот на медиумите блиски до Кремљ. Одлуката била остро критикувана и исмевана како „анахрона пропагандна алатка“, а биле упатувани и обвинувања за цензура и дека Фејсбук е контролиран од ЦИА. Истовремено, иронично, „Radio Liberty“ (Радио Слободна Европа) and Voice of America (Гласот на Америка) биле цел на дезинформациски напади од страна на медиумите блиски до официјална Москва и прогласени за „патетични пропагандисти“ што немаат никаква врска со новинарството.

За дестабилизација на Русија, нејзините соседи и Европа
Ова несомнено е една од омилените платформи за напад од медиумите блиски до Кремљ врз САД, пишува euvsdisinfo.eu.

Се пишувало дека Вашингтон има злокобно влијание во светот, дека провоцира тензии во Русија и кај нејзините соседи, дека ја окупира Европа, дека финансира протести во Хонг Конг за да ја дестабилизира Кина, итн. Тема што не се напушта е и тоа дека САД финансира биолошки лаборатории во Источна Европа кои создавале вируси и вршеле тајни експеримент. На пример, NewsFront тврди дека Пентагон вршел експерименти во Украина што не би сакал да ги врши во САД оти биле многу опасни. Дополнително, во дезинформациските наративи е и тој дека биолаборатории на САД во Украина се сериозна закана за Русија, а лабораторијата „Лугар“ во Грузија – која често пати е мета на дезинформациски напади од медиуми блиски до Кремљ – наводно развивала биолошко оружје што би било употребено против населението во Јужна Осетија.

Друг тип дезинформации се оние дека САД наводно ги потхранувала империјалистичките амбиции на Полска, Австрија и Унгарија а истовремено ја контролирала Украина под маска на борба против корупцијата. Се тврди и дека „светската Длабока држава“ (термин што веројатно ги подразбира САД како и други „зли“ елити) ја претвориле Источна Европа во територија „на грабежи и уништување“. Сепак, објект на сите зли намери и активности на САД секогаш е Русија, пишуваат ваквите извори на дезинформации, па на Горбачов лажно му се ветувало дека НАТО нема да се шири на Исток, а се демонизирале Русија и Путин, се испраќале џихадисти во Русија за да ја дестабилизираат земјата, завршува euvsdisinfo.eu.