Фото: МО
Фото: Министерство за одбрана

Шестчлениот македонски воен хируршки тим, кој во Норвешка се подготвува за мисија во Авганистан, во Кабул ќе замине вакциниран против ковид-19. Тимот, составен од тројца доктори и три медицински сестри, вчера ја добил првата доза од вкацината на АстраЗенека, како и нивните норвешки колеги со кои заедно ќе учествуваат во мисијата, а втората ќе ја добие пред да замине за Авганистан, информираа од Генералштабот. Во ноември лани, тринаесет македонски војници во Авганистан беа инфицирани со ковид.

Фото: Министерство за одбрана

Воениот хируршки тим на АРМ од средината на јануари е на подготовки и тренинг во Норвешка, а од средината на март до септември македонскиот и норвешкиот медицински персонал ќе ја опслужуваат норвешката воена болница во Кабул во рамки на мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“.

Петмина од шестчлениот тим се од јавното здравство, а една припадничка е медицинска сестра во Баталјонот за медицинска поддршка на АРМ. Во Норвешка, македонскиот тим минува основна и тимска воена обука, работа во групи и специјална обука за воена хирургија. Трите лекари од тимот се специјалисти по трауматологија, по општа хирургија и по анестезиологија.

Воен хируршки тим е еден од капацитетите што АРМ треба да ги развие и до 2028 година да ги стави на располагање за мисии на НАТО.

Македонските лекари веќе имаат искуство во работа во воени услови со нивните норвешки колеги. Медицински тимови од двете земји работеа заедно во Авганистан во седум ротации во рамки на силите ИСАФ од 2008 до 2012 година, а веднаш потоа Кралството Норвшешка на АРМ ѝ подари теренска воена болница, вредна два милиони евра, која на почетокот на пандемијата беше поставена во Клиничкиот центар во Скопје. Во ноември лани, Норвешка на Министерството за одбрана му подари и повеќе од 13.000 брзи тестови за ковид.

Медицинскиот персонал од јавното здравство учествува во воени мисии врз основа на меморандум меѓу ресорните министерства, според кој Министерството за здравство го обезбедува составот на тимот, а Министерството за одбрана парите. Трошоците за обука и логистичка поддршка во мисијата ги покрива Кралството Норвешка.