fbpx

Медиапул: Три се варијантите за излез од политичката криза во Бугарија

-

Откако вчера, не сосема неочекувано, шоуменот и релативно тазе политичар Слави Трифонов објави дека министрите во четири-партитната влада на Бугарија од неговата партија „Има таков народ“ (ИТН) ќе станат од нивните фотелји поради острата спротивставеност на владините партнери во врска со политиката кон Северна Македонија и за трошењето на државните пари, бугарскиот новински сајт mediapool.bg предвидува три можни решенија за натамошните случувања.

Досегашната четири-партитна владејачка коалиција составена од „Продолжуваме со промената“ (ПП) Бугарската социјалистичка партија (БСП), ИТН и „Демократска Бугарија“ (ДБ) беше составена во декември лани, по вторите предвремени парламентарни избори. Коалицијата има 134 пратеници во парламентот со 240 места.

Ако сите 25 пратеници на ИТН ја повлечат својата поддршка, владата останува во малцинство, со 109 гласа од потребните 121 за да „поминат“ нејзините решенија. Така, при секое гласање, опозицијата ќе има повеќе гласови и може да ги блокира сите предлог-закони и решенија поднесени од владата, пишува mediapool.bg.

Со тоа, нови предвремени избори се логичен развој на ситуацијата, без разлика дали ќе бидат распишани веднаш или со мало одложување.

Варијантите во кои владата „останува“ се две – или да се најде нов официјален или неофицијален коалициски партнер, или пак премиерот Кирил Петков ќе продолжи со „влада на малцинството“ Но, има и трета варијанта – нова влада во рамките на сегашниот распоред на парламентарните сили.

Варијанта за влада на малцинството
За да може влада на малцинството да работи, треба да бара „флуктуирачки мнозинства и договори со опозицијата за секое гласање. Во ваква ситуација, владата ќе стане зависна од опозициските ГЕРБ и ДПС, за кои доаѓајќи на власт, се закани да ги изолира. Теоретски, би можеле да бараат гласови и од „В’зраждане“, но крајните националистички и проруски ставови на оваа партија го прават ова сценарио малку можно, пишува mediapool.bg.

Но, ако се дојде до варијантата за флуктуирачки мнозинство, тогаш под прашалник ќе биде сите ветени и уште непочнати реформа, почнувајќи од правосудската реформа. Причината за тоа е што ГЕРБ и ДПС досега ги саботираа сите обиди за суштинска реформа во оваа област.

Освен тоа, прашањето кога ќе се одржат следните избори ќе биде целосно во рацете на пратениците од поранешната власт, вклучително и ДПС, коишто во секој момент може да ја соборат „малцинската влада“ со гласање недоверба.

Можна ли е и влада на мнозинството?
Можно е и да се избегне сценариото на зависност од ГЕРБ и ДПС.

Веќе со месеци се зборува неофицијално дека парламентарната група на ИТН ќе се расцепи и дел од неа ќе премине во опозиција, а другата ќе остане лојална на владата. Според информации на mediapool.bg. во оваа парламентарна група се водени такви разговори, но досега не се одлучиле за разделувањето. За тоа дека е можно проблемот на владата да биде решен со расцепување на ПГ на ИТН навести и самиот премиер.

„Не знаеме дали ќе има 12 пратеника, но се надеваме дека има луѓе во ИТН коишто тргнаа да ја променат Бугарија со истите цели со кои тргнавме и ние. И барем 12 од нив, а се надеваме на 15, 20, коишто би можеле да го следат истиот принцип“, вели Петков.

Неофицијално, пишува mediapool.bg, пратеници на ИТН признаваат: „никому не му се допаѓа тоа што го кажува Слави“ и „дури и на опозицијата не ѝ се оди на избори во овој момент“. Но сепак велат дека не е уште јасно дали ПГ ќе се расцепи во полза на владејачкото мнозинство. За време на прес-конференцијата вчера премиерот Кирил Петков не случајно спомена на тоа дека Гроздан Караџов „бил спуштен не се знае од каде“ за вицепремиер и министер од квотата на ИТН. Во ПГ на ИТН се зборува истото и за Теодора Генчовска, довчерашната министерка за надворешни работи.

Поради тоа, исказот на Петков може да се гледа и како додворување на оние во ИТН што од самиот старт беа незадоволни од изборот на министри.

Може ли Трифонов „да ги повлече министрите“ туку така?
Во целата ситуација, има уште една неизвесност, пишува mediapool.bg. При објавувањето на одлуката да го напушти владејачкото мнозинство вчера, шоуменот Трифонов објави: „Од денеска ги повлекувам министрите на ИТН и ставам крај на оваа коалиција и на оваа агонија“.

Но работите не се толку едноставни, затоа што нема како Трифонов „да повлече“ кого било од владата. Всушност, самите министри од редовите на партијата треба да поднесат оставки или премиерот Кирил Петков да им ги побара.

Не секогаш кога една партија решава да ја напушти владата, истото го прават и министрите од нејзините редови. Така, во последната влада на ГЕРБ, Емил Караниколов остана министер за економија уште долго откако националистичката „Атака“ од чии редови беше избран,  отиде во опозиција. Во втората влада на ГЕРБ имаше уште еден таков случај – ДСБ ја напушти владата, но Петар Москов, кој во тоа време беше член на партијата, остана министер за здравство, пишува mediapool.bg.

Во сегашниот кабинет, министри од ИТН се: министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, вицепремиер и министер за регионален развој Гроздан Караџов, министерот за млади и спорт Радостин Василев и министерот за енергетика Александар Николов.

Од кажаното од премиерот Петков е кристално јасно дека Гроздан Караџов нема да остане министер, дури и да го сака тоа. Истото важи и за Генчовска. Веројатно и министерот за спорт Радостин Василев ќе ја почитува одлуката на Трифонов. Претходно во средата, откако министрите од ИТН ја напуштија владината седница, тој се појави во парламентот за да разговара со парламентарната група на неговата партија.

Најверојатно е дека министерот за енергетика Александар Николов ќе остане министер. За него е познато дека се „еманципирал“ од ИТН, поради што Трифонов бил незадоволен што Николов не е „негов“ министер, туку на Петков, за разлика од Караџов и Генчовска

Трета варијанта – нова влада при сегашниот парламентарен состав
Ако Кирил Петков не успее во соопштената намера да продолжи да владее и без ИТН, пред да се дојде до нови избори, има уште една варијанта – нова влада во рамките на сегашниот парламентарен состав, пишува mediapool.bg.

Но тешко би се дошло до таков владин кабинет. ГЕРБ има 59 пратеници, ДПС 34, а новата опозициска партија Итн има 25 пратеника. Трите заедно имаат 118 гласа и исто како со сегашната владејачка коалиција би биле влада на малцинството. Ако им се придодадат 13-те пратеника на „В’зраждане“, би се постигнало мнозинство од 132 пратеника, но коалиција меѓу оваа партија и ДПС изгледа малку веројатна.

При паѓање на сегашната влада, има уште една варијанта, теоретски – БСП да се вклучи во коалиција со ГЕРБ, ДПС и ИТН и тоаш мнозинството би изнесувало 144 пратеника. Но засега, БСП се произнесе за цврста поддршка на кабинетот на Кирил Петков.

Во моментов е сигурно дека ниту една партија нема интерес од предвремени парламентарни избори, при сознанијата добиени од рејтинг-агенциите за „анти-системско“ расположение на гласачите, што би можело да ја истурка нагоре „В’зраждане“ до позиција на втора политичка сила. Тоа би значело нов долг период на политичка нестабилност и несигурност, како и службен владина кабинет назначен од претседателот Румен Радев, кој би го искористил случајот да го сврти кормилото кон Москва, пишува mediapool.bg.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.