fbpx

Медиапул: Теодора Генчовска ги крие од граѓаните на Бугарија документите за преговорите со Северна Македонија

-

Министерката за надворешни работи на Бугарија (во оставка) Теодора Генчовска (од партијата „Има таков народ“) продолжува да го одолговлекува процесот за излегување од кризата со Северна Македонија. Таа го доставила двостраниот протокол помеѓу Северна Македонија и Бугарија до бугарскиот парламент, но му дала статус „доверливо“ и сега тој не може јавно да се разгледува, пишува бугарскиот новински сајт mediapool.bg.

Од владејачката партија „Продолжуваме со промената“ велат дека Генчовска ги внела документите со ознака „За користење“, што го ограничува кругот на луѓето што може да ги читаат. Токму поради тоа тие не може да им бидат претставени на граѓаните, објаснува mediapool.bg.

„Ја повикуваме министер Генчовска да ја отстрани класификацијата на доверливост. Исто така го повикуваме МНР во најкраток рок да пристапи кон потпишување на, договорениот од министер Генчовска, двостран протокол – очекување што е јавно објавено и од министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи“, велат од партијата.

Се очекува парламентарната комисија за надворешна политика да се состане утре и да дебатира за позицијата на Министерството за надворешни работи околу сите очекувања од т.н. француски предлог.

Но, класификацијата „доверливо“ значи дека седницата треба да биде затворена, објаснува mediapool.bg.

Од МНР на Бугарија, пак, соопштија дека документите немаат ознака за доверливост и може да се разгледуваат од сите пратеници во бугарскиот парламент.

Ќе преживее ли владата на Кирил Петков и со неа и „најдобриот предлог за Бугарија“?

Очекувањата на владејачката коалиција беа дека седницата ќе се одржи по гласањето доверба на владата на Кирил Петков, кое треба да се изврши 24 часа по парламентарната расправа за гласањето, која се одвива денеска, односно има можност комисиската седница да се одржи в четврток, но сепак, таа е закажана за 15 часот утре.

„Засега решението на ова прашање е заложник на политичката криза кај нас. Ако владата го преживее гласањето доверба, може да се очекува развој“, коментира бугарскиот медиум.

Оттаму потсетуваат дека и опозицијата и досегашниот партнер во владејачката коалиција „Има таков народ“ (ИТН) „се подготвени да ја експлоатираат темата за свои внатрешни цели и да ја продолжат хистеријата под мотото за ‘национално предавство’ и така ќе ја избламираат и шансата Бугарија да ги заштити своите барања кон Северна Македонија и во истото време да го постигне својот национален интерес – регионот да стане дел од ЕУ“.

„Медиапул“ потсетува и дека сосема неодамна францускиот предлог почна да добива нова поддршка и дури и „главните фактори што распламтија хистерија околу преговорите – претседателот Румен Радев и Има таков народ високо го оценија предлогот“. Имено, вчера Радев рече дека тоа е „најсправедливиот“ предлог што го добила Бугарија.

Француското ротациско претседателство на ЕУ се усогласи со Софија и во преговарачката рамка на Северна Македонија ги вклучи бугарските услови, со што ЕУ станува гарант за нивното остварување. Тоа е нешто што до неодамна се сметаше за невозможно, бидејќи земјите-членки на ЕУ не сакаа да ги искачат двостраните спорови на европско ниво. Но, во обид да се одблокира европската интеграција на Западен Балкан, беше постигнат компромис, објаснува mediapool.bg.

Во нацртот на преговарачката рамка се наведени и двостраните протоколи што треба да бидат потпишани меѓу Скопје и Софија, според Договорот за добрососедство на Македонија и Бугарија, потпишан во 2017 година.

За тој протокол Бугарија и Северна Македонија преговараат со месеци, а разговорите се насочени на т.н. пакет „5+1“. Целта е тој да содржи правнообврзувачки гаранции за исполнување на обврските преземени со Договорот од 2017 година.

Една од точките во пакетот веќе беше исполнета од Северна Македонија. Скопје испрати нота до ООН во која појаснува дека името Северна Македонија се однесува само на земјата, но не и на географската област, потсетува mediapool.bg.

„Во протоколот треба да има и обврска македонските Бугари да бидат впишани заедно со останатите народности во Уставот на Република Северна Македонија, да сопре фалсификувањето на историската вистина, да престане прогонот на луѓето што се самоопределуваат како Бугари во Република Северна Македонија, и други“, пишува бугарскиот сајт.

Инаку, в четврток и петок ќе се одржи ЕУ самитот на кој треба да се дискутира и за почнувањето преговори за членство со Северна Македонија и Албанија, но тоа е под прашалник, бидејќи уште не е јасна бугарската позиција. Сепак, како што пишува mediapool.bg, можен е развој, по гласањето доверба на владата на Кирил Петков во бугарскиот парламент.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ниту едно од поглавјата за преговорите со ЕУ не е отворено

Во својата програма за парламентарните избори во 2020 година, СДСМ вети дека 80 отсто, односно 25 од 33 поглавја за влез во ЕУ, ќе бидат отворени до крајот на нивниот...