fbpx

Медиапул: Недостига ентузијазам за влез на Бугарија во „Шенген“ годинава

-

Амбицијата на Бугарија и Романија да се приклучат на „Шенген“ во октомври годинава изгледа сѐ помалку веројатно дека ќе се оствари, анализира Никола Лалов од бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg.

Австрија и Холандија, коишто се спротивставуваат на проширувањето на Шенген-зоната, ги насочуваат своите напори кон нејзино реформирање, а не кон нејзино прошируввање.

Сега и тезата дека Бугарија одамна ги исполнила техничките критериуми за членство се оспорува, пишува Лалов.

„Неопходно е подобрување на надворешните граници на ЕУ, вклучително и таа меѓу Турција и Бугарија. Треба да се доделат средства од ЕУ за подобрување на состојбата на границите. Бугарско-турската граница треба да биде приоритет на којшто треба да му се приклучат државите од ЕУ“, порача претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен во писмото до европските државни и владини раководители во пресрет на закажаното за февруари заседание на Европскиот Совет.

Истовремено, во Виена се сретнаа австрискиот канцелар Карл Нехамер и холандскиот претседател Марк Руте. Австрија не го прифаќа приклучувањето на Романија и на Бугарија, додека Холандија ја искажа поддршката за Букурешт.

Обете земји сакаат огромна реформа на „Шенген“, но сѐ уште нема согласност на европско ниво. Така, во практиката, Бугарија и Романија стануваат заложници на се-европското прашање зошто зоната за слободно патување на функционира, пишува Лалов во анализата на mediapool.bg.

Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, пак коментира дека „и покрај сите вложени напори, Бугарија во моментот останува надвор од Шенген, но сепак никогаш немала толку голема поддршка за нејзиното приклучување“.

„Поддршката од толку големи земји е многу важна, бидејќи е активна поддршка – тоа значи разговори и лобирање тоа да се случи. Австрискиот став нема ништо заедничко со подготвеноста на Бугарија. За жал, Бугарија останува заложник на внатрешни односи и поради несовршенството на Шенген, излегува дека остануваме надвор од него, што е парадокс“, вели Милков.

Бугарија вложи десетици милиони за кревањето ограда долж границата со Туција, но таа се покажа неефикасна. Мигрантите лесно ја прескокнуваат, а дел од неа е компромитирана поради лошото одржување, пишува mediapool.bg.

Пред еден ден европскиот комесар за внатрешни работи Илва Јохансон се спротивстави на барањето за финансирање на дополнителна изградба на ограда долж бугарско-турската граница.

Милков: Се бара и напредок во неприкосновеноста на законот

Милков коментира дека европските земји постепено и бавно го прифатиле наративот што Холандија и некои други скептични држави во текот на годините успеале да го протуркаат, односно дека „механизмите за неприкосновеноста на правото се дел од оценката и треба да бидат дел од критериумите за овој механизам“.

„Ова е факт, со којшто ние не може да не се согласиме и поради таа причина вложивме напори да ги убедиме партнерите до кај сме стигнале со механизмот и што сме успеале да промениме од 2019 година. Од нас се очекува да бидеме објект на нов извештај којшто ќе ги сумира постигањата на земјата по 2019 година и треба да покаже напредок во врска со неприкосновеноста на законот. Ако не се постигне напредок, тоа може дополнително да доведе до проблем за бугарската кандидатура, кога таа ќе почне да се разгледува во средината на годинава“, кажа Милков.

Бугарскиот министер за надворешни работи нагласи дека треба точно да се знае какви критериуми треба да бидат почитувани во тој извештај за да се избегнат какви било недоразбирања или обид да се каже дека извештајот не ги задоволува критериумите, дека не е доволно исполнет или дека одредени теми не се разгледани.

„Сакаме да ги прецизираме сите услови на коишто треба да одговори извештајот за да може тој да биде примен од страна на Холандија“.

Претходно и бугарскиот претседател Румен Радев предупреди дека Шенген може да ја одбегне Бугарија ако парламентот не го усвои антикорупцискиот закон и законот за одговорност на главниот обвинител.

ЕУ сака поефикасен систем за враќање на нелегалните мигранти

Во писмото од Урсула фон дер Лајен се посочени вкупно 15 мерки што треба да доведат до поприфатлива состојба на дотокот на мигранти.

Меѓу тие мерки се и засилување на напорите за враќање на незаконски влезените во ЕУ, регистрирање на секој поединечно, нивното раселување на доброволна основа, преговори со земјите од каде што пристигнале.

Претседателката на ЕК предлага државите од ЕУ взаемно да си ги признаваат решенијата за враќање на мигрантите што немаат основа за останување во Европа.

Холандија и Австрија се подготвуваат заедно да побараат решенија за борбата против нелегалната миграција на вонредна средба на Европскиот Совет (ЕС), закажана за почетокот на следниот месец, пишува mediapoool.bg.

Нехамер го објасни значењето на овој самит.

„Многу долго се чека за ова“, порача тој, цитиран од Бугарската телеграфска агенција (БТА).

Премиерот на Холандија кажа дека забележува консензус за темата во ЕУ, но смета дека ќе бидат потребни неколку самити за да се реши овој проблем.

„Кога беше постигната спогодба за бегалците меѓу Турција и ЕУ во 2016 година беше полесно“, вели Марк Руте.

Според него, ЕУ сега се соочува со многу проблеми – Шенген, Фронтекс, Даблинскиот систем и репатријацијата.

„Треба да се вратиме на Даблинските правила, во спротивно Шенген нема да преживее“, предупреди Марк Руте.

Според Даблинските правила, првата држава на ЕУ во којашто ќе пристигне бегалец е одговорна за процедурата за обезбедување прибежиште. Во практиката тој систем не функционира, пишува Лалов.

Поддршка за финансиска помош

Австрискиот канцелар Карл Нехамер го нагласи барањето на финансиска поддршка од страна на ЕУ за Бугарија и Грција, со цел заштита на надворешните граници на Унијата. Според неговите зборови, Австрија и Холандија имаат едни исти проблем со префрлањето на бегалците.

Карл Нехамер ја обвини ЕК, којашто не сака да финансира огради долж границите, дека има „идеолошки приод“ на проблемот.

„Не е праведно Бугарија да биде оставена сама со трошоците“, зошто во реалноста бугарските гранични полицајци ги заштитуваат и границите на Австрија и Холандија.

„Тоа не е идеолошки приод, туку прагматичен. Треба да бидеме флексибилни и креативни. Исто така е неопходно финансирање за техничка опрема, за персонал и за дронови. Од клучно значење е земји како Бугарија и Романија да добијат поддршка. Една ограда што не се набљудува, не е бариера“, рече австрискиот канцелар Нехамер, цитиран од романскиот онлајн-медиум Зиаре.

„Ако сакаме ЕУ да остане сигурно прибежиште за бегалците, треба да гарантираме дека нивната бројка ќе може да се контролира. Јасно е дека се неопходни дополнителни мерки за управување на надворешните граници“, порача холандскиот премиер Руте.

И покрај тоа, тој нагласува дека на ЕК не треба да ѝ се кажува што да финансира, одбележува романскиот онлајн медиум и посочува дека таа забелешка очигледно е „пецка“ за неговиот австриски соговорник.

Во почетокот на оваа седмица австрискиот канцелар Карл Нехамер лично виде како се чува бугарската граница. Тој не кажа рок во којшто би се сменил ставот на неговата земја за приклучувањето на Бугарија и Романија на Шенген и постави низа услови за Бугарија и ЕК за да дојде до тоа.

Недостига ентузијазам

Ветото на Австрија за проширувањето на Шенген со Романија и Бугарија не беше на дневниот ред на средбата на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Стокхолм, но уште минатата седмица беше јасно дека министрите на блокираните земји ќе ја искористат средбата за да го разгледаат овој проблем со министерот за внатрешни работи на Австрија, Герхард Карнер, пишува „Зиаре“.

Данска, Холандија и Латција се меѓу земјите што повикуваат на поголем притисок во форма на визи и помош за развој за речиси 20 држави, вклучително Ирак и Сенегал, коишто според ЕУ не соработуваат за враќање на нивните граѓани што немаат право да останат во Европа.

Одвај една-петтина од таквите мигранти биле вратени изминатава година, а недоволните ресурси и координација од страна на ЕУ се уште една пречка, посочува Европската комисија.

Изворmediapool.bg

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...