Извор на фотографија: МНР

Вест за македонско – бугарските односи во контекст на ветувањето на Бугарија за преотстапување на вакцини за македонските граѓани, е искористена за пласирање на коментар на авторот, кој министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, ја опишува со зборовите „боженствено убава“, „грациозна“ и „гламурозна“. Авторот на текстот на интернет страната на телевизијата Канал 5, всушност преку овие епитети го иронизира ставот на Захариева дека во земјава се користи говор на омраза кон се’ што е бугарско, пишува „Медиа Плус“ во својата нова анализа.

Текстот со наслов: „Убавата Захариева ветува „наскоро“ вакцини за Македонија, ама Вучиќ повторно е во „акција“ (објавено на 17.02.2021) е пласиран како вест, а всушност претставува коментар кој не е потпишан. Новинарската теорија го препознава коментарот како посложена форма на изразување од веста, во која доминира личниот аспект на кој се перцепираат општествените појави или случувања. Школски гледано, текстот би можел да се смести во категоријата „хумористичен коментар“(Критинк).

Освен тоа, во текстот е дадена и една лична димензија и тоа особено се согледува во третиот параграф:

„Ако сме „браќа“ а ако они ни се „ татковци“, семејните непишани правила, пропишани и во Библијата, велат дека „родителот“ треба на „братот“ или на „децата“ да им даде се во исто време, а не да чека да ги задоволи прво едните па потоа другите, односно нас, Македонците со „бугарски корени“? Дополнително, на прашањето зошто Бугарија не донирала вакцини на Македонија досега, туку тоа прва и засега единствено го направи Србија, Захариева посочува дека проблем е тоа што се доцнело со испораката и преку Ковакс механизмот. Ама оваа гламурозно и божествено убава министерка Захариева, заборава дека со сите сили ги напаѓаше Србија, Вучиќ, а нас не нарече творба на Титовата коминтерна, која е под иректна контрола на Белград и Москва.“

Со слична доза на иронија медиумот настапува и пет дена претходно (12.02.2021) пласирајќи вест со наслов: „Убавата Захариева и харизматичниот Џамбаски загрижени за македонската иднина“.

И кај двете објави отсуствува информацијата за авторот/авторите, па публиката на која ѝ се пласирани не е во можност да знае дали се работи за редакциски или коментар само на еден новинар односно уредник.

Коментарот како таков, како што веќе споменавме, постои во новинарската теорија и тој се базира на субјективно, но критичко и аргументирано објавување информации во врска со актуелностите во општеството. Сепак, во конкретните два текста, медиумот го прекршил Кодексот на новинарите.

Имено, овој документ врз кој почиваат професионалните новинарски правила,  упатува на тоа дека треба да се прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот (член 13 – Кодекс на новинари на Македонија). Со тоа што медиумот го пласира текстот како вест без да нагласи дека се работи за коментар ја доведува публиката во заблуда. При тоа, не обезбедува дистанца од споменатите политичари туку го коментира нивниот изглед, што во овој случај не претставува непристрасно известување за политички субјекти, кршеји ги новинарските нормативи, пишува „Медиа Плус“ во својата нова анализа.