Јужнокорејскиот филм „Паразит“ е добитник на Оскар за најдобар филм, но и најдобар странски филм кој беше во категоријата со „Медена земја“.

Во категоријата за најдобар документарец, во која беше номинирана и „Медена земја“, победи „Американска фабрика“.

„Паразит“ влезе во историјата на доделувањето на Оскарите, бидејќи за прв пат филм од неанглиско говорно подрачје ја понесе наградата за најдбар филм. Режисерот Бонг Џун Хо доби Оскар за најдобар режисер, а филмот освои и статуетка за најоригинално сценарио. „Паразит“ зборува за поделбите помеѓу богатите и сиромашните во Сеул.

За најдобар актер беше прогласен Хоакин Финикс за улогата во филмот „Џокер“, а Рене Зелвегер доби Оскар за најдобра актерка. За најдобри споредни улоги наградите ги добија Бред Пит и Лора Дерн.

И покрај тоа што „Медена земја“ не освои Оскар, филмот испиша историја во македонската кинематографија, победи на многу важни фестивали, доби позитивни критики од светските медиуми, холивудски актери изразија воодушевување, Македонија беше најпребарувана дестинација на „Гугл“ кога станува збор за нахрадите Оскари.

„Сепак, и покрај тоа што „Медена земја“ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата. Не можеше да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите за „Оскар“,“ напиша екипата на „Медена земја“ на нивниот фејсбук-профил.

Од таму додаваат дека кога го промовирале филмот на фестивалот „Санданс“, пред повеќе од една година, не се ни надевале дека ќе стигнат толку далеку.

„Би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муартова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака,““ вели екипата по завршувањето на Оскарите.

Атиџе од Лос Анџелес порача дека нејзиниот живот по снимањето на филмот драстично се променил, сега има нова куќа, и сѐ станува подобро.

„Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други,“ гласи пораката на Атиџе која ја испрати од Холивуд.