Македонско еколошко друштво (МЕД) и платформата Пријатели на Шара го поздравуваат вчерашното изгласување на Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк од страна на Собранието на РСМ, со 66 гласа „за“ на пратениците.
„Како поддржувачи на овој долгогодишен процес сакаме да изразиме огромно задоволство и признание на сите вклучени страни во процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, процес кој што беше долг и макотрпен, но со верба и многу работа од страна на институциите, донаторите, невладините организации и секако локалното население кое изминатите години го поддржуваше овој процес“, се наведува во заедничкото соопштение на МЕД и платформата Пријатели на Шара.
Тие велат дека еден од најгласните поборници за оваа иницијатива бил професорот д-р Љупчо Меловски, поранешен претседател на МЕД, кој најдобро ја познаваше Шар Планина од аспект на природни вредности и лобирал Шара да се заштити и тоа уште од 1997/98 година.
„Посакував да ја слушнам убавата вест за прогласувањето на Шар Планина за национален парк на 30 јуни, токму на роденденот на проф. Меловски кој целиот свој живот го посвети на истражување на Шара – и се случи. Огромни се вредностите на Шара од аспект на биодиверзитетот, но и културните вредности и традиционалните практики на користење на ресурсите се значајни. Всушност, тоа ја прави Шара уникатна планина. Правната заштита е огромен успех, голем чекор напред за да се надминат притисоците со кои се соочува, но пред нас претстои уште поголема задача, да преземеме ефикасни мерки за зачувување и управување со ова значајно подрачје“, изјави Робертина Брајаноска, извршен директор на МЕД.
Според претседателот на МЕД, Славчо Христовски, прогласувањето на Шара е историски чекор бидејќи точно 63 години немавме прогласено национален парк во земјава, по прогласувањето на НП Галичица.
„Посакувам многу наскоро да докажеме дека Националниот парк „Шар Планина“ ќе донесе прогрес и ќе ја олесни прекуграничната соработка, а сигурен сум дека прогласувањето веќе ги докажа цивилизациските вредности на нашето општество, и покрај тоа што нив постојано се сомневаме“, изјави претседателот на МЕД, Славчо Христовски.
Од МЕД и платформата Пријатели на Шара велат дека со Шар Планина како четврт национален парк во државата се заокружува сложувалката што недостасуваше и во регионот се добива прекугранично заштитено подрачје со вкупна површина од 244,617 хектари. Имено, во Косово постои национален парк од 1986 година а во Албанија постои заштитено подрачје „Кораби“ во категоријата парк на природа од 2011 година. На тие подрачја се надоврзува и нашиот Национален парк „Маврово“, со што целиот простор може да добие интегрална заштита.
Претседателот на „Пријателите на Шара“, Метин Муареми упати честитки до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање кои стоеја цврсто на овој долгорочен, но многу неопходен процес за сите жители кои живеат на Шар Планина, но и кон другите кои веруваа во вредностите кои ги има.
„Како платформа „Пријатели на Шара“ повеќе од пет години поминавме пат со многу предизвици и тешкотии, се соочивме со поддржувачи и противници, но во ниту еден момент не отстапивме од нашата цел, да ја видиме планината заштитена, бидејќи веруваме во вредностите што ги има за локалните жители, но и за поширокиот регион. Како платформа веруваме во добра соработка со идната управа на „НП Шар Планина“ и поддшка на нов модерен парк којшто ќе се грижи и за природата и за луѓето“, изјави Метин Муареми, претседател на Платформата „Пријатели на Шара“.
Во националниот парк ќе бидат вклучени 30 села, со нешто повеќе од 26.000 жители, при што се очекуваат голем број придобивки, не само кон зачувување на природата, туку и социо-економски, па дури и демографски. Во заедничкото соопштение се наведува дека успехот на заштитата нема да зависи само од идниот управувач, туку и од промената на свеста кај сите што ги користат природните ресурси на планината во изминативе децении, почнувајќи од бизнис секторот, јавните претпријатија, па сѐ до локалното население.
Од МЕД и платформата „Пријатели на Шара“ очекуваат дека првите неколку години по воспоставувањето на националниот парк, за заштитата на природата ќе биде клучно функционирањето на идниот управувач. По формирањето на јавната установа НП „Шар Планина“ ќе треба да се изготви план за управување со заштитеното подрачје, којшто ќе треба да се комуницира со локалното население и засегнатите страни. Идниот управувач ќе има обврска да ги означи посебните зони за заштита во паркот, да ги информира жителите за нивната улога и да врши мониторинг на флората и фауната како и да спроведува други активности за заштита на природата.