fbpx

Меѓународен ден на сеќавање на Холокаустот: Аушвиц низ слики

-

Обединетите Нации го имаат прогласено 27 јануари за Меѓународен ден на сеќавање на Холокаустот, како комеморација на геноцидот извршен врз над 6 милиони евреи и 11 милиони други жртви од страна на нацистичкиот режим и нивните сојузници.

На 27 јануари 1945 година, најголемиот нацистички концентрационен логор или логор на смртта Аушвиц-Биркенау бил ослободен од Црвената Армија.

Пренесувајќи дел од  оригиналните фотографиите и нивните описи од музеите од бивша Југославија, „Meta.mk“ и „Portalb.mk“ го поддржуваат одржувањето на сеќавањето на еден од најстрашните периоди во историјата на човештвото, како предуслов за спречување на ужасите до кои доведува екстремниот национализам, кој започнува со говор на омраза и укинување на демократијата. Фотографиите од овој фото-есеј се слободни за користење (јавен домен), обезбедени преку фотоархивата „Znaci.net“.

Аушвиц се состоел од  комплекс 40 помали логори на смртта на југот на окупирана Полска. Во текот на неговото отворање во мај 1940 година во нив биле пратени 1,3 милиони луѓе, од кои 1,1 милион биле убиени со отровен гас, глад и болести,  индивидуални погубувања и претепување, како и при медицински експерименти.

Најголем број на жртви на Аушвиц биле Евреи – 960 илјади, потоа 74 илјади етнички Полјаци, 21 илјада Роми, 15 илјади советски воени заробеници и 15 илјади други Европејци.

Во концентрациониот логор Аушвиц затворениците најчесто пристигнувале во посебни железнички транспорти, во сточни вагони со малку слама на подот.

По излегувањето од вагоните нацистите ги раздвојувале логорашите: мажите на една, а жените и децата на друга страна.

Аушвиц. Логорската ограда е направена од бетонски столбови и бодликава жица низ која течела електрична струја со висок напон.

 

Нацистички „експерти“ вршеле строга селекција на новопристигнатите логораши, одвојувајќи ги слабите, болните, лицата со посебни потреби и децата од работоспособните. (Дел од овие луѓе веднаш ги праќале во гасните комори дури и без да бидат евидентирани, затоа до ден денешен не се знае точниот број и идентитетот на сите жртви.)

Прозивка на новопристинати жени логораши во концентрациониот логор Биркенау.

Целиот имот бил одземан од затворениците и носен во логорската комора „Канада“.

Блокот 10 во концентрациониот логор Аушвиц во кој нацистичите „медицински стручњаци“ вршеле медицински експерименти над логорашите, таканаречени виво-експерименти.

Во рамки на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау биле подигнати  пет крематориуми чии печки гореле деноноќно. (Пред да се повлечат нацистите  дел од нив  успеале да ги дигнат во воздух како дел од обидите да се прикријатдоказите за нивните злосторства.)

Единиците на Црвената армија во логорот Аушвиц ослободиле околу 4.800 логораши кои останале по заминувањето на нивните нацистички чувари. Меѓу нив биле и 108 Југословени – на фотографијата се членовите на семејството Мандиќ со советските војници.

Нацистите ги уапсиле во мај 1944 година во Ријека (Хрватска) откако таткото и дедото на Олег, кој тогаш имал 10 години, заминале во партизани. По неколку месеци поминати во затвори во Хрватска и Италија, како политички затвореници ги пратиле во Аушвиц, каде минале осум месеци.

Во логорот Олег прво поминал два месеци работејќи во женскиот логор заедно со мајка му и баба му, но кога нацистите дознале дека наполнил 11 години го одвоиле за да го пратат во машкиот дел. Попатно поради високата температура што му се јавила поради стресот го пратиле на преглед во делот за медицински експерименти кој го водел д-р Менгеле. Таму се трудел да остане доволно интересен за персоналот преку манипулирање на термометарот и други снаоѓања.

Олег Мандиќ и неговите мајка Невенка и бабата Олга биле последните затвореници кои живи го напуштиле Аушвиц.

На филмов кој Мандиќ за прв пат го видел 20 години подоцна при посетата на Аушвиц бил снимен моментот кога добиваат писмо од Сталиновиот помошник Николај Булгањин со кое се наредува да бидат префрлени со камион преку Краков за Москва. Таму се придружиле на југословенска делегација предводена Тито, со која на 1  мај 1945 година со авион заминале за Белград.

Мандиќ, кој сега има 86 години, го посветил животот на промовирање на вистината за Холокаустот и водел антифашистичка организација во Опатија, организирајќи изложби и други настани за сведоштво, како и групни патувања во Аушвиц на денот на ослободување на логорот.

Во 2015 г. по повод 70-годишнината од ослободувањето тој изјавил дека сè уште го лазат морници од „сознанието дека човечки ум бил посветен на промислување за индустриско производство на смртта“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...