„Меѓаши“ изрази загриженост што невакцинираните деца се изоставени од образовниот процес, предлагаат алтернативни форми на образование

Од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ изразија загриженост што денес има деца кои би требало да бидат прво одделение, а сѐ уште се надвор од образовниот систем поради непримени вакцини согласно календарот за имунизација.

Оттаму апелираат владата да ја преиспита одлуката со која во училиштата може да се запишат само деца за кои ќе биде приложен доказ за вакцинација. Ваквата одлука беше донесена во форма на заклучок на 135-та седница на владата во мај годинава.

– Истиот заклучок налага во сите училишта да се примаат пријавите за упис во училиштата и на оние деца кои не се вакцинирани, но да не се врши упис на истите сè додека не биде приложен соодветен документ/потврда за вакцинација, велат од детската амбасада.

Ти сметаат дека ваквата владина одлука значи „директна дискриминација по основ на Законот за основно образование“ и додаваат дека таа „создава услови на конфузија помеѓу образовната управа задолжена да постапува по пријави за упис на деца во градинка и училиште, како и меѓу родителите“. Според Меѓаши, поради ваквата одлука на владата голем број деца останале незапишани и во градинките.

Детската амбасада укажува дека долги години постојат и функционираат форми на образование надвор од традиционалниот систем на институција – училиште. Тие ја поттикнуваат владата, „со цел почитување на правото на најдобар интерес на детето, да ги разгледа опциите како што се: учење од дома (homeschool), учење на далечина (distance learning) и други форми на образование актуелни во светот, кои и тоа како ќе олеснат и ќе обезбедат соодветно образование признаено во светски рамки за деца и младинци кои имаат потреба од нетрадиционална форма на образование“.

Инаку првичнате најави на Министерството за здравство дека се подготвуваат законски измени со кои во училиште и градинка нема да може да се запишуваат деца без доказ за примени вакцини следеше по разгорувањето на епидемијата на морбили (мали сипаници) на ниво на целата држава во јануари годинава. Во текот на епидемијата (која сè уште трае) беа заразени 1900 лица а поради компликации починаа три бебиња. Последниот случај е регистриран на почетокот на октомври.