И покрај јавниот револт, власта во Албанија се обидува да ги протурка многу проблематичните медиумски закони, со што се создава огромен ризик за загрозување на слободата на печатот, реагираат европските и светските новинарски асоцијации.

Европската федерација на новинари (European Federation of Journalists – EFJ), Репортери без граници (Reporters Without Borders – RSF), Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите (European Centre for Press and Media Freedom – ECPMF), Член 19 (ARTICLE 19), Медиумската организација на Југоисточна Европа (South East Europe Media Organisation – SEEMO), Меѓународниот институт за медиумите (International Press Institute -IPI) и Комисијата за заштита на новинарите (Committee to Protect Journalists – CPJ) се обратија со јавно писмо до властите во Албанија, повикувајќи го парламентот да не ги изгласува предлог-законите познати како „пакетот против клевета“.

„Доколку бидат усвоени, овие закони ќе воведат задолжително регистрирање на онлајн-медиумите и ќе се создаде административно тело што ќе може да казнува, да затвора онлајн-медиуми и да блокира странски онлајн-медиуми – без судска наредба. Исто така ќе воведе државна регулатива за онлајн-медиумите, што е спротивно на меѓународните насоки за добри практики за саморегулацијата. Напоменуваме дека овие предлози не се во склад со добрите практики за саморегулацијата и ќе имаат негативен ефект на слободата на изразување во Албанија“, се вели во реакцијата, со која се потсетува дека денеска и утре во албанскиот парламент треба да се одржи јавна расправа за законите.

Меѓународните организации посочуваат дека и покрај меѓународните обврски и стандарди, власта во Албанија тврдоглаво се обидува да ги протурка законите.

„Постои голема загриженост поради упорноста на владата и парламентот да ги протуркаат овие предлог-закони, бидејќи тие навестуваат премин кон полошо во поглед на слободата на медиумите во Албанија. Албанија има јасни обврски и задолженија зададени со Европската конвенција за човекови права и од ОБСЕ, чие претседателство земјата треба да го превземе во јануари 2020 година. Доколку овие закони бидат усвоени, преземањето на оваа улога ќе биде особено проблематично“, се вели во реакцијата.