Mеѓу 17 и 18 октомври ќе се знае дали Северна Македонија ќе добие или не датум за започнување на преговори со Европската Унија. По препораката на Европската Комисија  за започнување на преговорите во јуни, останува сите земји членки на ЕУ да се договорат едногласно за отворање на преговорите, пишува „Порталб.мк“.  Дали и другите држави, особено Франција, ќе го следат примерот на Германија?

“Се очекува, на идната седница на Советот за општи работи кој ќе се одржи на 15 октомври, министрите на земјите членки да одлучат дали ќе ги започнат преговорите со земјата, а конечната одлука ќе треба да се донесе од лидерите на земјите членки на ЕУ, едногласно, на седницата на Советот на Европската Унија на 17 и 18 октомври 2019“, велат од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Позитивен сигнал за доделување на датум вчера испрати и Германија.

Чекаме да се види дали и останатите земји членки, особено Франција која беше покритична во однос на застојот во судските реформи во Македонија, ќе го следи примерот на Германија.

Во контекст на исчекување на одлуката за започнување на преговорите со ЕУ во октомври, францускиот амбасадор Криситијан Тимоние, пред извесно време оцени дека позицијата на Македонија сега е поослабена заради настаните околу случајот “Рекет” и неможноста да се постигне договор за законот за ЈО.