Македонската банкарска асоцијација, МБА, по одземањето на лиценцата на Еуростандард банка информира дека ниту една друга банка не е изложена на ризик со кој би се нарушила стабилноста и солвентноста.

„Банкарскиот систем се одликува со прудентно работење и отпорност на шокови. Утврдените слабости во работењето на Еуростандард банка и укинувањето на дозволата за нејзино работење, не ги отсликуваат карактеристиките на банкарскиот систем кој се одликува со сигурност, стабилност и солвентност“, соопштија од МБА, како реакција на вчерашната одлука на Народната банка на Северна Македонија за укинување на дозволата за основање и работење на Еуростандард банката.

Додаваат дека банкарскиот систем е во одлична кондиција, способен да одговори на потребите на населението и компаниите, а стабилноста се гледа од тоа што располага со високо ниво на ликвидност, при што ликвидната актива покрива близу 60 отсто од депозитите на домаќинствата; квалитетот на сопствените средства е исклучително висок и доминантен дел од нив од околу 90 отсто се од редовниот основен капитал, како најквалитетен слој од сопствените средства на системот; солвентноста е континуирано двојно повисока од законскиот минимум од 8 отсто, а според состојбата на 30 јуни 2020 година, стапката на адекватност на капиталот изнесува 17 отсто.

„МБА максимално ќе се заложи банките и штедилниците да одговорат на потребите и барањата на сите физички и правни лица кои биле клиенти на Еуростандард банка. Сите банки и штедилници се на располагање за да обезбедат брза, квалитетна и ефикасна банкарска услуга“, соопштија од МБА.