Фото: Принтскрин/EU Debates | eudebates.tv

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, на средбата со турскиот преседател Реџеп Таип Ердоган во вторникот, била третирана како политичар од втор ранг, и за разлика од нејзниот колега, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, наместо на столче била принудена да седи на кауч.

Во врска со инцидентот, важно е дека претседателката требаше да има исто столче и да биде соодветно третирана како и претседателот на Европскиот совет и турскиот претседател“, изјави портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер, според кој шефицата на Европската комисија има ист протоколарен ранг како и Мишел.

Тој додаде дека дер Лејен одлучила да продолжи состанокот и дала приоритет на содржината, а не на протоколот. Но, побарала од нејзиниот тим да преземе соодветни контакти, со цел да не се случи ваков инцидент во иднина. 

На средбата во вторникот, која траела два и пол часа, фон дер Лејен и Мишел разговарале за подобрување на односите меѓу ЕУ и Турција.

Реакции имаше и од претставници на ЕУ. Според австриската министерка за Европа Каролине Едштадлер, станува збор за „однос без почит кој е неприфатлив“, а претседателката на социјалдемократската група во Европскиот парламент, Иратксе Гарсиа Перез, изјави дека инцидентот е засрамувачки.