„Маврово“ и „Шара“ стануваат дел од најголемата заштитена зона во Европа

Шумата на националниот парк „Маврово“; Фото: Мета.мк

Националните паркови „Маврово“ и „Шар Планина“ ќе станат дел од најголемиот прекуграничен парк во Европа, заедно со Паркот на природата „Кораб-Коритник“ во Албанија и Националниот Парк „Шари“ на Косово.

Министерот за животна средина Насер Нуредини, заедно со колегите од Албанија и Косово, Мирела Кумбаро и Либурн Алиу викендов, по повод Меѓународниот ден на планините, во Тирана го потпишаа договорот за создавање на најголемата заштитена зона со површина над 242.000 хектари, што треба да обезбеди прекуграничен развој на природен туризам, заедничко управување со регионот и промоција на посебно природно и културно наследство преку границите. Управниот одбор на заштитеното подрачје ќе се формира во рок од три месеци, кога треба да започне и проектот.

Според министерот Нуредини, поврзувањето на трите земји и заштитените подрачја треба да обезбеди одржливо управување и создавање нови можности за социо-економски развој на локалните заедници.

„Природното прекугранично поврзување на Маврово и Шар Планина со Кораб-Коритник и Шари отвара нови можности за поголема заштита на флората и фауната, подобро справување со илегални дејствија, подобро мониторирање, поголеми можности за развој на еко-туризмот и алтернативните форми на туризам, размена на добри практики и искуства, заштита и промоција на културното и природното наследство, како и поголема атрактивност и зголемен интерес на меѓународните донатори и инвеститори“, изјави министерот Нуредини.

За министерката Кумбаро овие зони служат како еколошки коридор, во кој се сместени голем број значајни видови растенија и животни, не само на регионално ниво, туку и на европско и меѓународно ниво, како што е европскиот зелен појас.

„Ги гледаме заштитените подрачја како обезбедување бенефиции надвор од нивните граници на географската карта, надвор од границите на националните држави – меѓу заедниците и генерациите што живеат во овие подрачја. Во однос на туризмот, заштитените подрачја ги гледаме како многу добра можност за развој на екотуризмот во сите негови облици“, рече Кумбаро.

Министерот Алиу рече дека покрај туристичката дестинација Брезовица, имаат план да развијат и други области од планинскиот туризам, како зимски така и летен туризам, согласно критериумите за заштита на природата.