Маунтбајкерите ќе добијат нова велосипедска патека на Водно

Photo by Eerik Sandstrom on Unsplash

Градот Скопје ќе гради надолна велосипедска патека за маунтбајкерите од Средно Водно до Скопје. Должината на планираната велосипедска патека е од 3.500 до 3.700 метри, додека ширината на патеката е планирано да изнесува три метри. Патеката ќе ја проектира и изведе љубљанската компанија „Завод Алианса“, која предвидено е да ги реализира работите за сума од речиси 8.000.000 денари.

„Downhill flow“ патеката за маунтбајкери на Водно ќе треба да ја следи постоечката инфраструктура на теренот на оваа планина, да не ја нарушува природата, но и да не ги нарушува постојните сливови и одводи.

Изведувачот ќе треба да постави соодветна сигнализација (патоказни табли) на патеката, да обезбеди маркирање на велосипедската патека со уред за глобално сателитско позиционирање (GPS). Исто така, ќе бидат поставени информативни табли на почетокот и крајот на велосипедската патека, како и предупредувачки знаци долж патеката.

Времетраењето на потпишаниот договoр за изведба на патеката е 12 месеци, се наведува во објавениот договор на Електронскиот систем за јавни набавки.

Инаку, ова е втора планинска велосипедска патека што ќе се гради на Водно, откако Градот Скопје лани ја пушти во употреба првата нагорна планинска велосипедска патека.