Матурантите викендов ќе одлучат која од понудените две опции за државна матура ќе ја прифатат

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

На државната матура, матурантите да полагаат два екстерни испита, додека за двата интерни да се изведе средна оценка од четирите години или пак, да се полагаат четири предмети по скратени програми. Ова се опциите што ги понуди Собранискиот клуб за младински прашања и политики на денешната дебата за државната матура со претставници на Сојузот на средношколците.

Сојузот викендов ќе одлучи кој предлог ќе го одбере, иако за нив е поприфатлива првата опција.

На денешната дебата не учествуваше министерката за образование и наука, Мила Царовска бидејќи е во изолација поради контакт со позитивно лице на корона вирус.

Инаку, пред три дена претставници на Сојузот на средношколци остварија средба со премиерот Зоран Заев, на која разговараа за нивните барања поврзани со промена во моделот на државната матура.

По средбата, тие истакнаа дека постои волја за компромис од страна на премиерот.

Матурантите од понеделникот повторно се вратија на настава откако го прекинаа бојкотот со цел да им остават простор на пратениците да најдат решение за модифицирање на државната матура.

Тие бараат да полагаат скратена програма на државната матура со образложение дека немале доволно време да ги подготват испитите. Наместо четири, средношколците бараат да полагаат два испити на матурата, од кои еден задолжителен македонски јазик и еден изборен предмет.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска досега неколку пати посочи дека за измени во матурата ќе може да се разговара идната учебна година.