Матурантите што ќе бидат во изолација ќе полагаат матура во друг испитен рок на крајот на јуни

Фото: Marc Thele from Pixabay

Учениците во завршна година од средното образование, кои поради болест нема да стасаат да полагаат државна матура на 5 и на 11 јуни, ќе можат тоа да го направат на крајот на јуни, а за точните датуми од Државниот испитен центар (ДИЦ) најавуваат дека ќе информираат дополнително.

Елизабета Наумовска, директорката на ДИЦ, институција која го организира полагањето на испитот на зрелоста вели дека ова важи за матурантите кои токму во тој период ќе се најдат во изолација заради позитивен тест.

Во меѓувреме, иако има уште време до полагањето, професорите кои ги контактиравме велат дека работат со учениците и уште отсега се подготвуваат за матура.

„Планираме за овие ученици да има уште еден рок, со што ќе дадеме можност за сите деца што ќе бидат позитивни или во изолација, на крајот на јуни да имаат можност да полагаат во јунската сесија“, вели Наумовска.

Таа додава дека оние ученици што нема да стасаат да полагаат и во вториот рок, ќе полагаат матура во август.

„Учениците кои ќе бидат позитивни на ковид-19 ќе треба да приложат решенија што ги одобрува и потшишува Државниот здравствен и санитарен инспекторат“, посочува директорката на Државниот испитен центар, Наумовска.

Таа потсетува дека на решението мора да има архивско бројче, печат, со што нема простор за лажирање на документи.

„Ние ќе прифаќаме само официјални документи, односно училиштата ќе водат евиденција и тие работи ќе ги гарантираат. Ако има ученици кои се на боледување поради друг здравствен проблем, ќе си дојдат на полагање во август. Ќе има и такви кои можеби ќе бидат во странство, а во карантин, па ќе мора да приложат доказ за тоа од официјална институција“, вели Наумовска.

Државна матура учениците ќе полагаат на 5 јуни (мајчин јазик) и на 11 јуни (математика или англиски јазик).

Освен овие два задолжителни испити, матурантите ќе полагаат и интерни испити чие полагање го организира самото училиште, после 11 јуни. Ако ученик падне на интерен испит во јуни, ќе треба да полага во августовскиот рок.

Директорката на ДИЦ вели дека испратени се насоки и до универзитетите за тоа како треба да ги примаат учениците на факултет.

„Имам информација дека факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ веќе ги креираат конкурсите за упис на нови студенти“, вели Наумовска додавајќи дека екстерните испити ќе бидат бодирани со повисок коефициент.

„За еден екстерен испит максимум ќе може да се добијат 12 поени, односно за двата – 24 поени. Интерните испити ќе бидат рангирани со максимум 6 поени, односно 12 вкупно, а максимални 4 поени ќе носи проектната задача. Значи еден матурант може да добие 40 поени од резултатот од матурскиот испит, а 60 од просекот од оценките во средното образование“, појасни Наумовска.

Учениците ќе полагаат со физичко присуство во училиштата. Веќе има протокол кој е усвоен од Комисијата за заразни болести и од Владата. Информирани се училиштата дека максимум по 15 ученици треба да има во училницата. Онаму каде што има поголем број на ученици, а помалку училници, таму директорите имаат обврска да го организираат полагањето во некое основно училиште во кое има услови да се спроведе испитот. Тестовите за екстерните испити, веќе се печатат.

Вежбаме читање со разбирање 

Љупка Боцевска е професорка по македонски јазик во гимназијата „Орце Николов“. Работи со матурантите, кои имаат интензивни подготовки за матурскиот тест.

„Откако ќе завршиме со предвидената анализа на делото, задолжително имаме еден час на кој ги разгледуваме прашањата поврзани со тоа дело кои се паднале во претходните години од матурските тестови“, вели професорката Боцевска.

Таа смета дека сега поедноставно да се изведе тоа преку споделување екран, така што сите ученици можат „одблиску” да ги видат прашањата.

„За подрачјето јазик одиме преку конкретни примери и прашања кои бараат практична примена на знаењата, онака како што всушност се поставуваат и прашањата на државната матура. Насоки добиваат и за текстот кој треба да го напишат за да се провери способноста пишување. Всушност и писмената задача којашто ја правеа беше на теми од општествениот живот, од животот на младите, нешто во духот на темите коишто се поставуваат на државната матура години наназад“, вели професорката.

На еден од часовите ги анализирале писмените задачи, учениците ги воочувале сопствените грешки, а потоа давале конкретни насоки во делот за аргументирање, кој е „најпроблематичен” за учениците. Боцевска потенцира дека:

Она што им останува на матурантите до крајот на учебната година е да го извежбаат делот „читање со разбирање” и да повторат за некои технички правила околу тестот.

Не им е лесно ниту на учениците, ниту на професорите 

Што се однесува до програмата по предметот Македонски јазик и литература, како што вели професорката Боцевска, има скратување на дел од содржините во испитната програма, посебно во подрачјето литература.

„Во програмата не се влезени дела кои беше тешко да се сработат во месеците март, април, мај 2020 година, бидејќи библиотеките тогаш не работеа, а делата воопшто ги нема во електронска форма. Исто така не се вметнати содржини кои беа скратени и со наставните програми за четврта година за оваа учебна 2020/2021“, вели Боцевска.

Таа посочува дека сите сме засегнати со пандемијава и не им е лесно ниту на учениците, ниту на наставниците, ниту пак на надлежните институции во процесот на подготовка и реализација на државната матура.

„Најголем дел од наставниците се трудат да ги насочат учениците како да се подготват за овој тест на зрелоста кој треба да ги подготви за уште многу слични предизвици во иднина. Им посакувам многу среќа на матурантите. Верувам дека ќе бидат генерацијата која ќе покаже дека успеала да покаже квалитет и знаење и во една ваква тешка, вонредна и несекојдневна ситуација“, завршува таа.

Ги интересира што ќе се „падне“

Подготовките за полагањето матура се во тек и во средните стручни училишта. Александар Алексовски, професор по биологија во „Марија Кири Склодовска“ вели дека околу 50 ученици избрале да полагаат биологија како еден од интерните предмети.

„Кај мене учениците се затечени од одлуката биологија да не биде екстерен предмет, туку интерен. Ги интересира колку поени ќе носи интерниот испит, како ќе се полага, кога. Јас кратење на материјалот не практикувам бидејќи во овој предмет нема што да се скрати. Се крати на часови, на вежби, на повторување, но содржината е таа“, вели професорот Алексовски.

Тој додава дека додека се подготвуваат за полагање, ги гледаат тестовите што досега беа дел од матурата од 2014 па наваму, ги разгледуваат прашањата од тие тестови.

„Немаме проблем бидејќи сè им е познато и учено. Во четврта година се прави заокружување на темите и тука генерално нема проблем“, вели Алексовски.