Матурантите денеска на втор екстерен испит, најголем дел одбрале да полагаат странски јазик

матура ученици
фото: F1Digitals на Pixabay

Учениците од завршните години во средните училишта денес го полагаа вториот екстерен испит во рамки на државната матура. Тие имаа можност да изберат помеѓу предметите математика, странски јазик, филозофија и естетика.

Според податоците на Државниот испитен центар, најголем интерес меѓу матурантите има за полагање странски јазик, при што најголем дел се определиле за англискиот – 13.452. Германски ќе полагаат 140, француски 32, а руски 18 ученици. Тест по математика, пак, избрале 1.529 кандидати.

Резултатите од двата екстерни испита ќе бидат објавени во јули, најдоцна 30 дена од денот на полагањето на вториот екстерен испит.

Првиот екстерен испит по мајчин јазик, кој беше задолжителен за сите кандидати, матурантите го полагаа во саботата.

За матурантите кои се пријавени да полагаат, но во моментов се спречени поради тоа што се позитивни на корона вирус или се во изолација, предвидени се дополнителни термини на 25 и 28 јуни.

Оние ученици кои нема да ја положат државната матура во јуни, имаат втора можност за полагање во август, односно термините се 11 август за првиот екстерен и 13 август за вториот екстерен испит.

Согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование со четиригодишно траење во Република Северна Македонија, учениците екстерно полагаат два предмета, два интерно и изработуваат проектна задача. Интерните предмети ќе се полагаат на крајот од месецов.

Годинава за полагање на државна матура се пријавиле над 15.000 кандидати.