Државна матура ќе има, бидејќи вработените во Државниот испитен центар го ставија во мирување штрајкот со кој бараат повисоки плати. Сепак, оттаму велат дека не отстапуваат од нивните барања за повисоки примања и дека ќе продолжат да се борат за тоа.
Она што останува неизвесно е дали вработените ќе стасаат да сработат сè, за да може да се реализира првото полагање на 27 мај, со оглед на тоа дека, како што велат, нема да остануваат на работа прекувремено.
„Насилните мерки и притисоци на министерот Јетон Шаќири, со обид да внесе надворешни лица во процесот на државната матура, процес кој е со висок степен на тајност, ќе ја доведе во прашање валидноста на тестирањето и резултатите од матурата. Вработените во ДИЦ, како експерти во областа и лица со висок интегритет и чувство за општествена одговорност, одлучија да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на вашата иднина“, наведено е во соопштението на ДИЦ.
Во соопштението има и обраќање од вработените во Испитниот центар, до министерот Шаќири:
„Вашите досегашни обиди за решенија на проблемот, а со тоа и ветувањата кои им ги дадовте на матурантите во медиумите, се спротивни на одредбите на Правилникот за процедури за тајноста на подготовката, печатењето, дистрибуцијата, чувањето и оценувањето на испитниот материјал, донесен од министер за образование и наука од 31.3.2014 година. Со Вашиот обид да реализирате матура без вклученост на вработените на ДИЦ, Вие ќе бевте тој што ќе ги оштетеше матурантите“, стои во соопштението на ДИЦ.
Неизвесно останува дали организаторите на процесот – вработените во ДИЦ, ќе стасаат да го завршат целиот процес до 27 мај, кога треба да се одржи првиот екстерен испит. Вработените велат дека нема да остануваат прекувремено да работат, туку само во рамките на нивното работно време.
Утрово од Сојузот на средношколци потсетија дека државата има законска обврска да ја реализира државната матура.
„Ако не се одржи државната матура, ќе се создадат огромни проблеми за оваа генерација матуранти кои планираат да студираат во високото образование. Можното неодржување на државната матура најмногу ќе им наштети на матурантите кои планираат да студираат во странство, а според нашите анализи овој број изнесува 12 отсто од секоја една генерација“, беше наведено во соопштението на Сојузот.