Издавачката куќа „Матица македонска“ го објави на македонски јазик романот за тинејџери „Летото кога научив да летам“ од српската писателка Јасминка Петровиќ кое претставува едно од најнаградуваните дела за деца и млади на Балканот. Романот, првично објавен во 2015 година, за кратко време доживеа пет изданија, беше преведен на повеќе јазици, доби одлични критики и инспирираше адаптации за филм и театар.

Делото е напишано во форма на дневник на 13-годишната Софија, која за време на едно лето го открива светот на пријателството, љубовта, семејството и личниот раст. Со карактеристичен хумор и топлина, Петровиќ нуди приказна за созревањето и за последиците од војните во 1990-те, прикажани низ очите на новата генерација.

Романот обработува теми блиски на младите како дружењето, чувството на припадност, несигурноста, првите љубови но и ги отвора прашањата за семејните односи и траумите што ги оставиле војните во поранешна Југославија: мешани бракови, поделени семејства и изгубени животи.

Главниот мотив на летото и „летањето“ служи како метафора за потрагата по слобода и сопствен идентитет. И покрај тешките теми, романот е исполнет со живот и оптимизам што го прави блиску до младите читатели.

Критиката го опишува делото како роман што треба да го читаат и децата и возрасните. Преводот на македонски јазик го направи Аполон Гилевски.