Бил Гејтс | Фото: Wikimedia Commons

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот и во светот.

Познатиот сервис за проверка на фактите polygraph.info анализира едно видео на италијански јазик, со англиски титлови, објавено првпат на 14 мај, кое бргу станало вирално, односно многу споделувано, а со кое се тврди дека италијанската влада побарала апсење на милијардерот и филантроп Бил Гејтс. Видеото било објавено на еден Јутјуб канал, а во текот на изминатиот викенд постигнало речиси милион гледања и речиси 2.000 коментари.

Тврдењето во тоа видео е неточно, пишува polygraph info, и италијанската влада не побарала таква мерка против Гејтс. Видеото со наслов „Италијанската влада повикува на апсење на Бил Гејтс (Italian Government call for arrest of Bill Gates) прикажува дел од седница на италијанскиот Претставнички дом (парламентот). Според еден веб-сајт кој вели дека е сопственик на Јутјуб каналот на кое е објавено видеото и на самото видео, жената што зборува е Сара Куниал, конзервативна пратеничка од Рим и познат антиваксер, односно поборник против вакцинирањето.

Во парламентот се слуша џагор и негодување и во еден момент Куниал го покачува тонот додека тврди дека основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс стои зад пандемијата на новиот корона вирус и задолжителното вакцинирање во обид да ја намали бројноста на светското население и да воспостави диктаторска контрола. Според написите во медиумите, заговорничките уверувања на Куниал не се популарни меѓу колегите и нејзините барања нема да добијат поддршка или да предизвикаат акција, пишува polygraph.info.

Овој сервис изнесува и други примери кога видеото е споделувано или прикажувано, како на пример на вестите на РТ (Russia Today).

Заговорничките тврдења во кој е вклучен Гејтс се всушност многу присутни во Русија и се пропагирани и од функционери и од познати личности. Еден понов пример е познатиот режисер Никита Михалков, добитник на Оскари, кој една епизода од своето неделно телевизиско шоу „Бесогон“ (Егзорцист) го посветил на Бил Гејтс. Шоуто се емитувалот на државниот телевизиски канал „Росија 24“ на 1 мај, а потоа било симнато од интернет, но сè уште го има на Јутјуб каналот на Михалков.

Што се однесува до популарноста на видеото што го анализира, polygraph.info изнесува и примери за вештачко зголемување на неговата популарност, преку споделување на некои профили за кои има многу причини за сомнеж дека се направени само за пропаганда.

Низа профили го споделувале видеото кратко време еден по друг, а некои од нив по извесно време го бришеле и пак го постирале, во многу случаи и во форма на одговори, односно своевидни коментари на твитови во кои Бил Гејтс се спомнувал во позитивен контекст, пишува polygraph.info.