Маск најави претплата за Твитер од 8 долари месечно

Photo by Joshua Hoehne on Unsplash

Новиот шеф на Твитер, Илон Маск се обидува да ги зголеми претплатите и да ја направи мрежата на социјалните медиуми помалку зависна од реклами. Твитер ќе наплаќа по 8 долари месечно за својата услуга Blue, која го вклучува и нејзиниот син беџ.

„Сегашниот систем на господари и селани на Твитер за тоа кој има син беџ и оние кои немаат е сра*е. Моќта за луѓето! Сино за 8 долари месечно“, напиша Маск во твитот, додавајќи дека цената ќе биде прилагодена „пропорционално според куповната моќ на земјите“.

Нова поскапа претплата чија цел е да го зголеми приходот на компанијата ќе покрива повеќе услуги на платформата.

Новината би ја надградила досегашната „Твитер Блу“ претплата, која чинеше 5 долари месечно, а би вклучувала и поинаков изглед на платформата, можност за промена на твитови, како и син беџ за верификација на оние профили кои ќе исполнат одредени предуслови. Дополнително со новата претплата корисниците би добиле и други придобивки – нивните твитови ќе се појавуваат со поголем приоритет, ќе можат да објавуваат подолги видео и аудио пораки, а ќе гледаат двојно помалку реклами отколку оние кои не се претплатени.

Во моментов таква верификација можат да имаат само одредени профили, како владини функционери, компании, медиуми, политички, културни или спортски личности. Беџовите можат да се одземат доколку корисниците не ги почитуваат правилата на платформата.

Повеќе од 80 отсто од корисниците на Твитер кои учествуваа во неодамнешната анкета рекоа дека нема да платат за ознаката за проверка. А, како што пренесе Ројтерс, околу 10 отсто изјавиле дека се подготвени да платат 5 долари месечно.

Твитер веќе има услуга за претплата наречена Twitter Blue, која беше лансирана во јуни минатата година и нуди пристап до функции како опција за уредување твитови.

Брисел со предупредување до Маск: Твитер птицата ќе лета според правилата на ЕУ