Доцна синоќа, околу 23:00 часот по централно американско време, силна експлозија ја потресе тест-локацијата „Маси“ на SpaceX во Тексас, непосредно пред планираното статичко тестирање на прототипот „Ship 36“ од новата генерација на вселенското летало Starship, пишува „Д Врџ“.
Од компанијата SpaceX потврдија дека „безбедносната зона околу локацијата била воспоставена навремено и сите вработени се безбедни и евидентирани“.
Компанијата нагласи дека нема опасност за жителите на околните населени места, вклучително и новооснованата општина Старбeјс, каде што е лоциран тест-центарот.
Инцидентот се случил околу половина час по почетокот на процесот на полнење на ракетата со гориво, но пред официјалниот старт на статичкото тестирање, со кое се проверува работата на моторите додека леталото останува закотвено на рампата. Во моментот на експлозијата, „Ship 36“ не бил предвиден за лансирање.
И по повеќе од два часа по инцидентот, на локацијата сè уште има пожар. Снимки од камерите на „NASASpaceflight“ и „LabPadre“ покажуваат чад и реакции од локалните противпожарни служби, вклучително и екипи на Противпожарната служба на Браунсвил.
Причината за експлозијата и степенот на материјална штета сè уште не се познати. Ова е најнов инцидент во серија проблеми со Starship. Експлозии беа забележани и при седмата, осмата и деветтата проба на ова летало во текот на 2024 година.
Во официјалното соопштение објавено на мрежата X, SpaceX изјави:
„Во среда, на 18 јуни, околу 23:00 часот по централно време, Starship леталото кое се подготвуваше за десеттото тестирање доживеа голема аномалија додека беше поставено на тест-платформата во Старбeјс. Нашиот тим активно работи на обезбедување на локацијата заедно со локалните власти,“ објавија на X од SpaceX.
Тестирањето требаше да биде дел од развојот на „V2“ верзијата на Starship – дизајн кој, според изјавите на Илон Маск, носи повеќе гориво, има помала празна маса и подобрена езбедност. SpaceX во моментов развива и „V3“ варијанта со која, според Маск, компанијата планира неделни лансирања во рок од една година.
Останува неизвесно дали и колку овој инцидент ќе го одложи десеттото тестирање на Starship, кое претставува клучен чекор во плановите на SpaceX за комерцијални лансирања и идни мисии до Месечината и Марс.