Фото: Архива на „Мета“

Патничкиот и товарниот железнички сообраќај во земјава е во прекин од вчера во 16 часот, поради бојкотот на машиновозачите. Работничкиот персонал на Железници на РСМ-Транспорт кој ги управува возовите во земјава си го бара вториот дел од платата за јуни. Машиновозачите најавија дека до управниот одбор на железничкото претпријатие и до Министерството за транспорт и врски ќе испратат допис во кој ќе побараат и исплата на надомест за квалитет за нивното работење.

Машиновозачите денеска треба да се сретнат со раководството на Железници на РСМ-Транспорт за да се најде решение за нивните барања. Поради бојкотот, патничките и товарните возови во земјава не сообраќаат.

Железничкото транспортно претпријатие веќе долги години наназад се соочува со сериозни финансиски проблеми и долгови. Според податоците на Министерството за финансии, на крајот од јуни годинава Железници на РСМ-Транспорт должела 60,5 милиони евра и е најголем државен должник. Претпријатието успеало да го намали својот долг за 3,3 милиони евра во вториот квартал во споредба првите три месеци од годинава.

Инаку, за состојбите во кои се наоѓа Железници на РСМ-Транспорт денеска реагираа и од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Тие критикуваат дека земјава е на праг целосно да го замре железничкиот сообраќај, а со тоа Македонија да стане единствената земја во Европа без железнички сообраќај.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски на денешната прес-конференција рече дека додека вработените во претпријатието чекаат плата, постојано се објавува оглас за нови вработувања. Тој тврди дека новите вработени земаат плата, а не даваат речиси никаков придонес во работењето.