Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја прими еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос во Скопје. Како што објави тој на Фејсбук, попладнево, во пресрет на утрешниот Самит на лидерите од Западен Балкан, ја пречекал Кос на скопскиот аеродром.

„Евроинтеграциите не се само декларативна заложба, туку и јасна стратешка определба на Владата. Пред нас е исполнета агенда – денеска, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе оствариме средба со еврокомесарката. Утре, на состанокот на лидерите од ЕУ и Западен Балкан, фокусот ќе биде ставен на Планот за раст, реформската агенда, како и на предизвиците со кои се соочуваат нашата држава и регионот на патот кон полноправно членство во Европската унија“, напиша Муцунски на Фејсбук.