Проектантите доцнат со изработка на проектната документација или Градот Скопје тактизира со објавување на идејниот проект за првата линија од брзиот автобуски систем (БАС) на потегот од Ново Лисиче до Ѓорче Петров? Кога беше потпишан договорот со проектантите на почетокот од октомври лани, рокот за изработка на проектната документација беше договорено да биде 100 работни дена.
Од градските власти првично беше најавено дека до февруари годинава ќе биде изработен идејниот сообраќаен проект, архитектонскиот идеен проект, градежниот идеен проект, како и идејните проекти за сообраќајниците, за машинска инсталација и опрема, за хидротехника, термотехничка инсталација и анализа за ризиците на проектот. Во оваа фаза требаше да се анализира и капацитетот на постојното депо на ЈСП во Ѓорче Петров и да се направи проектирање на нови содржини за идното депо во Ново Лисиче. Сепак, во февруари од градските власти беше најавено дека во текот на март Градот Скопје да го добие идејниот проект и пропратната документација за првата линија од „трамвајот на тркала“ во Скопје.
Измина и март, а официјална презентација на изработената документација од Град Скопје немаше. „Мета.мк“ изминатиов месец во три наврати побара од градските власти одговори на прашањето кога ќе се заврши изработката на идејниот проект, но и кога истиот ќе се презентира во јавноста, како пред граѓаните на главниот град, така и пред експертите. Одговор на овие прашања не добивме.
Експертите што ги контактираше „Мета.мк“, предупредија дека одлуката за воведување на БАС во Скопје веќе е донесена, а отпосле се прави идејниот проект. Професорот Зоран Кракутовски од Градежниот факултет при УКИМ рече дека вообичаена и коректна постапка е најпрвин да се направи физибилити студија во која ќе се проучат сите можни решенија за масовен јавен превоз на патници во Скопје, да се направи јавна презентација на резултатите и да се вклучат во расправа засегнатите страни, а дури потоа да се носи одлука кој систем е најсоодветен за масовен јавен градски превоз.
И од Организацијата за електрични возила „Електромобилност Македонија“ велат дека одлуката за изградба на „трамвајот на тркала“ во Скопје е донесена тајно, без дискусија и без изнесување на детали.
„Сметам дека Град Скопје мора да формира група од неколку луѓе за почеток коишто ќе почнат со оваа работа сериозно да се занимаваат не како консултанти, туку преку формирање на јавно претпријатие, со работно име „Трамвај Скопје“ коешто понатаму може да се интегрира со ЈСП и други комунални компании. Групата која што ќе го проектира и води системот не може да биде помала од десетина, ако е потребно и дваесетина професионалци организирани во извршно тело коешто ќе се занимава со сите аспекти на трамвајот“, вели Кирил Минанов од „Електромобилност Македонија“.
Во меѓувреме, во Собранието на РСМ пред изгласување е задолжувањето на земјава кај Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со 70 милиони евра за изградба на две БАС линии во главниот град. Откако ќе биде изгласан заемот од пратениците и ќе биде потпишан договорот со ЕБОР, треба допрва да се распише тендер за изработка на основниот проект за првата БАС линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, што би значело дека практичната изведба на „трамвајот на тркала“ со планираните градежни работи на терен би отпочнале по локалните избори во октомври годинава. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјасни дека е против изградбата на брз автобуски систем во Скопје.