fbpx

Маршот против хунтата во сенка на политичка и економска неизвесност

-

Во клима на општествено незадоволство, политичка неизвесност и на страв од нови мерки за штедење, Грција денеска ја одбележува 41-годишнината од настаните на атинската Политехника, денот кога е задушена студентската револуција против воената хунта. Ако грчките студенти, на денешен ден во 1973 година, се најдоа очи в очи со воените тенкови кои безмилосно ги рушеа портите на Политехничкиот факултет, бастионот на борбата на студентите против стегите на милитаристичкиот режим, и газеа сè пред себе за да се замолчи гласот на отпорот, денес, четири децении подоцна, излегуваат на улици во знак на незадоволство против мерките за штедење и политиката на владата на Нова демократија и на ПАСОК.

Полицијата стравува од можни насилни немири, поради што, како и секоја година, центарот на Атина ќе биде под силно полициско обезбедување за ноемврискиот марш. Од пладне ќе бидат затворени сите централни метро-станици, а низ целиот центар од Политехничкиот факултет, Парламентот, па сè до амбасадата на САД, каде завршува маршот за Политехника, ќе бидат распоредени повеќе од 7.000 претставници на специјалните сили на полицијата.

Грчката влада деновиве е во трка да обезбеди мнозинство од 180 пратеници за изборот на претседател во март. Медиумите се полни со вести за заткулисни преговори и за обиди на премиерот Самарас и на вицепремиерот Евангелос Венизелос да обезбедат поддршка во парламентот. Владиното дуо се чини дека флертува со пратеници од десничарската Независни Грци, но и со левичарската Демократска левица на Фотис Кувелис. Коалицијата на ПАСОК и на Нова демократија има минимална поддршка од 154 пратеници во собранието, а според сегашните пресметки, со неколку пратеници од Независни Грци, Демократска левица и дел од независните пратеници, можеби би успеале да дојдат до потребното мнозинство за да се избегнат предвремени избори.

Грчкиот весник „Катимерини“ посочува дека нов удар за политиката на владата е грешката со олеснителната мерка за исплаќање на заостанатите долгови во 100 рати, во која првично беше предвидено да биде опфатен и новиот данок за недвижности, за потоа одлуката да биде повлечена и исплаќањето на оваа голема рана за грчкото општество да остане и натаму голем проблем.
М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...