fbpx

„Марш за женските права“: Преку родовата рамноправност до силна држава

-

Околу 1.000 жени, девојки и активисти се собраа денеска на вториот „Марш за правата на жените” кој се одржа по повод Меѓународниот ден на жената. Од маршот, кој почна во Жена парк, преку плоштадот Македонија, Камениот Мост и заврши на плоштадот Филип Втори беше испратена порака дека родовата еднаквост е важен фактор кон постигнување на демократско и еднакво општество.

Целта на маршот, како што посочија организаторите, била да се подигне свеста на јавноста, но и на носителите на одлуки, за нееднаквата положба во која се наоѓаат жените во нашето општество во 2018 година.

– Во 2018 година во Република Македонија имаме највисока доенечка смртност во Европа. Причините за тоа не треба да се бараат кај жените, туку во системот за здравствена заштита и здравствените услуги кои им следуваат, но секоја година се повеќе и повеќе се скратуваат, во тоа што повеќе од 175.000 жени немаат гинеколог во својата општина, и во тоа што на повеќе од 80 отсто од жените Ромки им наплаќаат ехо прегледи кои треба да им бидат бесплатни. Товарот на неплатените домашни обврски сè уште во голема мера паѓа на грбот на жените, и додека во другите европски земји овие разлики во учеството во домашната работа се намалуваат, кај нас огромните разлики остануваат константни – изјави Снешка Илиќ од невладината „Реактор“.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска рече дека владата вистински се залага и активно вложува во родовата рамноправност.

– Наместо подароци и прослави денеска сметам дека секоја жена и секој маж треба длабоко да се запраша, што во минатата година направил за родовата рамноправност и што ќе направи во наредната. Само така ќе постигнеме едно еднакво општество кое што ќе биде инклузивно – рече Царовска.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска потенцираше пак, дека само со силни жени со права, права што ги штитат жените, ќе има силна правна држава.

– Како нова влада, покажавме дека на прашањата на женската рамноправност водиме различни политики. Денеска во на овие теми разговараме без комплексот дали правата на жените ќе значат намалување на важноста на семејството или на традиционалните вредности. Покажавме дека сметаме на жените и покажавме дека правата на жените се и наши права – рече Шекеринска.

Активистките на денешниот марш го осудија и насилството врз жените, за кое велат дека во нашето општество се толерира, поттикнува и прикрива, а ако излезе на виделина, неадекватно се осудува и казнува.

За крај, тие побараа родово сензитивни политики повикувајќи на солидарност кон сите жени, и потсетувајќи дека родовата еднаквост е важен фактор кон постигнување на демократско и еднакво општество.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...