Марко и Мартина, двете кафени мечки, жителки на Скопската Зоолошка градина заминаа во нов живот во AROSA Bear Sanctuary во Швајцарија. Тина Мицковска, активистка за правата на животните деновиве информираше дека по заминувањето на двете мечиња, ќе се реновира едно од најстарите живеалишта во ЗОО градината кое треба да биде доволно големо и пространо за другите две кафеави мечки Бим и Бум да продолжат да живеат поубав живот.
„Благодарност нај, највеќе до Four Paws International кои и овојпат помогнаа и овие две, односно четири мечки, да добијат подобар живот, а секако нај нај фала за моите колеги кои го прифатија предизвикот. Дење ноќе бевме во ЗОО со тимовите од странство на неколку пати, бидејќи се правеа подготовки и медицински прегледи за транспортот. Сите неспиени, ама среќни, едвај чекам слики од мечките кога ќе бидат пуштени надвор во тој преубав рај каде што се сега“, напиша Мицковска, на чија иницијатива се направи преселбата.
Деновиве Мицковска, заедно со претставничките на „Four Paws International“, Иона Данглер, директорка на одделот за диви животни и Барбара Ван Џин меѓународен директор на секторот „Wild animals rescue & Advocasy”, имаше средба и со генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија Методија Димовски. На средбата се разговарало за начинот на заштита на дивите животни во С. Македонија, за проблемот со илегална трговија за кој Мета.мк веќе подолго време пишува, како и на потребата од создавање легална рамка за заштита и благосостојба на дивите животни во земјата.
Генералниот секретар на Владата, Димовски истакна дека легислативата на нашата земја во голем дел е усогласена со легислативата на Европската Унија и дека земјата е потписник на меѓународните договори и конвенции што ги допираат овие теми.
Димовски изрази уверување дека Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и Парламентот интензивно ќе се ангажираат за унапредување на легислативата за заштита на дивите животни.
На средбата беше оценето дека во најскоро време ќе биде креиран меморандум за соработка меѓу Владата, ресорните министерства и „Four Paws International“ и дека ќе се работи на унапредување на легислативата за заштита на дивите животни како и на создавање на спасувачки центри (резервати) за кафената мечка.
Претставничките на организацијата се сретнаа и со министерот за земјоделство Љупчо Николовски и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.