На свечена церемонија беа доделени наградите и медалите на Јуниорската балканска олимпијада по информатика што се одржува во Охрид.

Овој значаен настан во програмирање им претходи на Балканската и на Интернационалната олимпијада по информатика, на кои Македонија беше домаќин од 14 до 19 септември, во организација на Здружението на информатичарите на Македонија.

На Јуниорската балканска олимпијада по информатика учествуваа ученици на возраст до 15 години. Истата се одржува по деветти пат со учество на членки на Балканската иницијатива, како и Полска и Словенија.

Секоја земја учествува со тим кој се состои од четири натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

Најдобар учесник на настанот беше ученикот од Полска, Јулиус Фам, а најдобар официјален учесник беше Романецот, Овидиу Разван Харшан. Освојувач на бронзен медал и најдобар учесник од Македонија беше Марко Чаласан. Наградите ги врачи претставник на Министерството за информатичко општество и администрација.

Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, Миле Јованов, кој беше и претседавач на Олимпијадата, изјави дека настанот ја потврдува определбата на Македонија да ја подржува информатиката за да изгради информатичко општество и притоа креаторите на истото да се македонските информатичари.

– Ваквите натпревари кои се за најдобрите натпреварувачи од секоја земја, претставуваат и поттик за сите други ученици да се заинтересираат околу информатиката и програмирањето. Учениците учесници кои ќе постигнат значајни резултати на вакви олимпијади, добиваат можност бесплатно да студираат на најпрестижните универзитети во светот – истакна Јованов.