Марија Апчевска, Наталија Теодосиевa и Ханис Багашов се македонските претставници на „Берлинале таленти“

Извор на фотографии: официјалната страна на Берлинале таленти

Режисерката Марија Апчевска, филмската и театарска актерка Наталија Теодосиевa и режисерот и актер Ханис Багашов оваа година се избрани да учествуваат во програмата на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал, „Берлинале таленти“ што годинава ќе се одржува дигитално од 12 до 17 февруари.

Апчевска минатата година го претстави својот краток филм „Северен пол“ чија премиера беше на Канскиот фестивал и филмот доживеа голема меѓународна популарност освојувајќи повеќе значајни награди и признанија.

Ханис Багашов ја толкуваше улогата на Крис во филмот на Дина Дума, „Сестри“. Тој досега има глумено и во „Кога денот немаше име“, а со режисерската палка ги склопува филмовите „Лица“, „Мишко“, „Штурци“, „Ајша“ и „Скопје 2020“.

Наталија е филмска и театарска актерка со деби филмска улога во филмот на Александар Поповски, „Балканот не е мртов“ (2013). Досега има глумено во „Врба“ на Милчо Манчевски, „Тајната Состојка“ на Ѓорче Ставрески, а улогата во „Параболик“ од Мартин Иванов ѝ ја даде можноста да биде избрана во програмата Сараево Таленти во 2014 година. Теодосиева, покрај актерка, е и професионална танчарка во класичен и модерен балет и современ танц.

„Берлинале таленти“ или „Berlinale Talents“ е развојна програма во склоп на престижниот фестивал која го истражува процесот на како и зошто се прават филмови чија главна цел е да избере учесници кои со својата креативна визија прават промени во општеството. Мисијата што ја носи целата манифестација е да се одржуваат врски меѓу различни креативци во филмската индустрија и да им се понуди водич, менторство и контакти што би потпомогнале да се развијат иднивидуални или заеднички филмски проекти.

Оваа година е 20-то издание на програмата во кое има 200 избрани учесници од повеќе од 70 различни држави.