Министерот за правда Бојан Маричиќ во својата видео-порака по повод почетокот на теренскиот дел од пописот, кажа дека ова претствавува најважната статистичка операција спроведена од осамостојувањето до сега. Тој потенцираше дека пописот ќе биде спроведен безбедно, почитувајќи ги највисоките стандарди за спречување на ширењето на ковид-19.
„Попис не е спроведен речиси 20 години. Ваквата состојба едноставно повеќе е неодржлива и тоа не смееме да го толерираме. Државите членки на Обединетите Нации се обврзани да спроведуваат попис, но можеби уште поважно, тоа е обврска која ја имаме кон државата и пред сè кон граѓаните“, посочи министерот Маричиќ.
Маричиќ посочи дека институциите се целосно подготвени и на терен веќе почна попишувањето на лицата, становите и домаќинствата. Конечно, како во целиот развиен свет, ќе имаме информации кои се навистина есенцијални при креирањето на планови и проекти кои се потребни пред сè за граѓаните.
„Докторите ги напишаа правилата за заштита и тие се обврзувачки за сите попишувачи и тука дилеми не треба да има. Почитувани сограѓани, попишувањето кое почна денеска а ќе трае до 30 септември, се спроведува по модерна методологија која се користи во многу развиени земји. Таа е според сите светски стандарди а и Евростат го потврди тоа“, посочи Маричиќ.
Тој на Државниот завод на статистика му посака успешна работа, а на попишувачите на терен им се заблагодари за трудот, посветеноста и придонесот за овој статистички процес.
Според податоците што утрово се прибрани од терен, Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија започна на целата територија на државата.
📝 Во сите 50 пописни реони попишувачите се излезени на терен и веќе се спроведува попишувањето. pic.twitter.com/Hn29beY6PG
— Попис 2021 (@popis2021) September 5, 2021
Во меѓувреме од Државниот завод за статистика објавија дека Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија започна на целата територија на државата
„Во сите 50 пописни реони попишувачите се излезени на терен и веќе се спроведува попишувањето“, велат од ДЗС.
Во однос на почетокот на пописот се огласи и премиерот Зоран Заев, кој на социјалните мрежи напиша дека за оваа операција да биде успешна покрај професионалноста на вработените во Државниот завод за статистика, неопходна е соработката од сите граѓани.
„Затоа ве повикувам да бидете партнер во овој процес, затоа што само на овој начин Владата, јавните институции, локалната власт и бизнис заедницата ќе можат да обезбедат подобар живот за сите граѓани на Северна Македонија“, напиша Заев.