fbpx

Маричиќ: Извештајот за Фундаментални вредности го очекуваме во првиот квартал од 2023 година

-

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денес на прес конференција го претстави начинот како ќе се водат преговорите со Европската унија и ги објасни двете фази на скринингот што формално е почнат, а технички ќе почне да се спроведува истовремено и за нашата земја и за Албанија од септември. Тој рече дека извештај за Кластерот „Фундаментални вредности“ согласно најавите од Брисел очекува во првиот квартал од 2023 година.

„Де јуре и де факто процесот започна пред два дена, на 19 јули, кога ја одржавме првата меѓувладина конференција, што е последната етапа од нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ“, рече вицепремиерот потсетувајќи дека тоа се случи 21 година од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација и 17 години откако го добивме статусот кандидат за членство во ЕУ.

Маричиќ рече дека Кластерот „Фундаментални вредности“ опфаќа пет Поглавја.

„Поглавјата поврзани со владеењето на правото – 3.23 Правосудство и фундаментални права и 3.24 Правда, слобода и безбедност, како и 3.05 Јавни набавки, 3.18 Статистика и 3.32 Финансиска контрола. Во кластерот се и новите области кои се дел од преговарачкиот процес – функционирање на демократските институции, реформата на јавната администрација и економските критериуми“, рече Маричиќ.

Притоа информираше дека за овој Кластер треба да се подготват три патокази кои ќе треба да ја рефлектираат политичката заложба за спроведување на клучните стратешки реформи преку дефинирање на краткорочни и среднорочни цели, и тоа: Патоказ за владеење на правото, Патоказ за функционирање на демократските институции, кој нема да биде одредница за отворање на Кластерот и Патоказ за реформа на јавната администрација, кој ќе биде и одредница за отворање на Кластерот и кој треба да се фокусира на градење на професионална администрација во служба на граѓаните и на јакнење на административните капацитети за спроведување на законите и политиките кои се усогласени со европските стандарди.

„Дополнително, во рамки на Патоказот за владеење на правото – ќе треба да се подготви и Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците со мерки за недискриминација, борба против говор на омраза и образование“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ ја претстави и временската рамка во која се очекува да се реализира објаснувачкиот скрининг според поглавја заедно со билатералниот скрининг. Календарот на состаноци го дефинира Европската комисија, и врз основа на она што им било презентирано на состанокот за отворање на скринингот, како начелен календар на ЕК – кој може да претрпи одредени измени – може да се види дека ќе нè очекува динамичен период, со оглед на тоа што процесот на презентирање на новото законодавство започнува од септември оваа година, а паралелно во период од околу 15 месеци ќе се одвива и билатералниот скрининг, односно Европската Комисија планира овој процес да заврши до ноември 2023 година.

Одговарајќи на новинарски прашања, Маричиќ индиректно ја отфли идејата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за референдум околу Преговарачката рамка за ЕУ.

„Ние имаме научени лекции. Опозицијата инсистираше на референдум и за Преспанскиот договор со Грција и владата на премиерот Зоран Заев го прифати тоа. На крајот ВМРО-ДПМНЕ, по неколку години барање референдум, реши да го бојкотира, што остави дамка на целиот процес. Тоа за нас е научена лекција“, изјави Маричиќ.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...