Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска најави дека до крајот на годинава ќе се донесе Законот за попис за да се создадат услови за одржување на попис во земјава во текот на април 2021 година. Маричиќ тврди дека има мали измени во предложениот закон, во однос на минатогодишната верзија, со која опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваше.

– Постои цврста определба и коалициски договор за спроведување на пописот идната година, тоа е дел од коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ и тој закон беше доставен до Собранието пред изборите, остануваме како влада, повторно го предложивме во собраниска процедура – изјави министерот Маричиќ.

Тој нагласи дека определба на Владата и на Државниот завод за статистика е пописот во земјава да се спроведе пред одржувањето на локалните избори идната есен.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека спроведувањето на пописот треба да биде статистичка, а не политичка работа.

– Од оваа Влада можеме да очекуваме единствено политичка операција која ќе биде предмет на тргување, што е тотално погрешно и не се согласуваме со тоа, бидејќи оваа Влада нема капацитет да го сработи пописот како статистичка операција – изјави Ели Панова, не прецизирајќи го ставот на опозициската партија во однос на понуденото законско решение.

Земјава е една од ретките во Европа што нема спроведено попис веќе 19 години, а заедно со Босна и Херцеговина, сме единствени што го немаме утврдено датумот на одржување на пописот. Oбид за спроведување на попис имаше во 2011 година, но тогаш процедурата беше запрена од тогашната власт.