Граѓаните треба да знаат дека процесот на преговори на Северна Македонија со ЕУ и нејзините земји-членки ќе биде тежок, но успешен и нашата земја ќе го заврши тој процес како земја-членка на Европската унија, вели Бојан Маричиќ, Национален координатор за интеграција во ЕУ и главен преговарач за технички прашања во ексклузивно интервју за „Порталб.мк“.

Владата ќе закаже меѓувладина седница, за почеток на разговорите со ЕУ. Кога се предвидува да се закаже оваа седница?

Политичката одлука за започнување преговори за членство на Македонија во ЕУ беше донесена на 24 март од Советот на ЕУ, а беше потврдена 2 дена подоцна од страна на Европскиот совет. Со ова, ние излегуваме од фаза на чекање и влегуваме во нова фаза, а таа е фаза за подготовка на рамката на билатерални разговори и скрининг (билатерален преглед) за сите групации и поглавја. Европската комисија, во тесна координација со нас, но и со земјите-членки, мора да ја подготви таа рамка и да ја отвори за дискусија.

Очекуваме тоа да се случи најдоцна во почетокот на јуни оваа година. Ова ќе биде проследено со дискусија за рамката, а паралелно и со почетокот на билатералниот скрининг. Ова е постапка што во редовни услови, во Србија и Црна Гора, траеше неколку месеци пред официјалниот почеток на преговорите означени со првата меѓувладина конференција. Очекувам дека сè додека се оди според планот, првата меѓувладина конференција ќе ја имаме во есен или на крајот на 2020 година. Но, да не заборавиме дека сè уште сме во врвот на пандемијата на вирусот КОВИД-19 и потфатите ќе ја диктираат целата динамика на работа, иако многу работи се одвиваат и на дистанца.

Од 2018 година, на прес-конференција, Владата објави дека се формира преговарачки тим, за почеток на разговорот со ЕУ. Да каде сме со формирањето на преговарачката екипа? Дали има претставници на немакедонски заедници, како што се Албанци и други? Дали има женски претставници во овој тим?

Во јули 2018 година, Владата ги назначи Главниот политички преговарач (вицепремиер за европски прашања, Бујар Османи) и главен технички преговарач (Национален координатор за интеграција во ЕУ, Бојан Маричиќ). Ова покажа сериозен пристап кон подготовките за почеток на преговорите. Главниот политички преговарач и главниот технички преговарач во рок од неколку месеци подготвија целосна правна рамка за секое од 33 поглавја и преговарачкиот тим што ќе ги координира овие работни групи и ќе ја поврзе нивната работа со работата на Владата, парламентот, граѓанското општество во пошироко значење, но и со европските институции во Брисел.

Оваа правна рамка беше усвоена во летото 2019 година од страна на Владата по обемни консултации со граѓанските организации, академската заедница, Македонската академија на науките и уметностите, стопанските комори и сите засегнати страни. Повеќето структури на преговарачките тимови се состојат од претставници на владини институции бидејќи најголем товар на преговорите паѓа на овие институции. Овие луѓе ја усвоија и подготовката на техничкиот скрининг за 33 поглавја што ги поминавме во периодот од септември 2018 до декември 2019 година.

Сепак, од почеток, ние како Влада јасно кажавме дека целото општество треба да биде вклучено во преговорите и сите експерти ќе имаат можност да дадат соодветен придонес во својата област, максимално искористувајќи ги сите капацитети на државата. Во овој период, ќе ги комплетираме тимовите, внимавајќи на еднаква застапеност на сите етнички заедници, како и на родовата еднаквост. Овие се европски вредности длабоко вкоренети во нашите политики и институции и од ова нема да отстапиме.

Што се очекува од владата во почетокот на овие преговори со ЕУ?

Владата на Република Северна Македонија работи заедно со Европската комисија во составување на нашата верзија на рамката за преговори што ги одразува нашите интереси и потреби за време на преговорите за сите поглавја. Практично тоа е план за тоа како и во кој временски период ќе ги прифатиме и примениме европските правила и стандарди во сите области. Во исто време, ќе се подготвиме за билатералниот скрининг, при што ќе ги поминеме сите поглавја со Европската комисија и земјите членки на ЕУ и ќе утврдиме кој е степенот на усогласување на нашиот систем со европскиот и колку време, напор и инвестирање ќе ни биде потребно за целосна усогласеност.

Тоа е процес кој ќе трае со години, но наш интерес е да трае што е можно пократко и што е можно поефикасно, користејќи ги искуствата на другите земји што веќе преговарале. Граѓаните треба да знаат дека овој процес ќе биде тежок, но успешен и дека нашата земја ќе го заврши тој процес како земја-членка на Европската унија.