Откако беа регистрирани првите случаи на корона вирусот во регионот, оваа тема стана доминантна во медиумскиот простор, но и на социјалните мрежи. Во морето информации, се појавија и некои непроверени, денес познати како лажни вести (fake news). Заради разоткривање на лажните вести, српскиот сервис за борба против дезинформациите „Raskrikavanje“ отвори посебна страница на која ги разоткрива лажните вести за корона вирусот. За тоа кои се најчестите лажни вести и теории на заговор за корона вирусот и како граѓаните да ги препознаат вистинитите информации, разговаравме со Марија Вучиќ, новинарка на „Raskrikavanje“.

ЦБС: „Раскрикавање“ секојдневно работи на откривање на лажни вести, а со појавата на корона вирусот, отворивте посебна страница на којашто објавувате лажни вести на оваа тема. Дали по прогласувањето на пандемијата е зголемен бројот на лажни вести?

Марија Вучиќ: Не знам дали е зголемен или пак ние повеќе се фокусиравме на вестите за корона вирусот, но на нашиот веб-сајт е забележлив порастот на бројот на разоткриени лаги од 11 март досега. И до прогласувањето на пандемијата имаше лажни вести на оваа тема, но некако одеше полежерно, стигнувавме да се зафаќаме и со други теми, односно со лажни вести од други области.

Но од 11 март моравме да се посветиме целосно на корона вирусот, бидејќи полека станавме преплавени, медиумите почнаа да известуваат речиси во целост само за тоа, а и на социјалните мрежи почна ширење лажни вести, дезинформации и слично.  

Кои се најчестите лажни вести во врска со корона вирусот? Дали би можеле да ни дадете некои примери од регионот или светот коишто веќе влегуваат во сферата на теориите на заговор?

Би рекла дека највирални се, односно најмасовно се шират оние лажни вести што се однесуваат на карактеристиките на корона вирусот и советите како да се заштитите. Посебно би издвоила еден случај. Станува збор за порака што кружеше на социјалните мрежи и во приватни Viber и WhatsApp групи, којашто содржи некакви совети и информации за овој вирус, а коишто наводно потекнуваат од некој наводен италијански лекар што работи во Вухан, а пак некаде стоеше дека таа порака потекнува од кинески микробиолог или од тајвански научници, итн. Самото тоа раѓа сомнеж – ем иста порака се припишува на различни извори, ем тој извор не е именуван.

Штом ќе видите порака од неименуван научник, шансите се 99,9 оттсто дека тој всушност и не постои. Таа порака содржеше низа неточни информации за корона вирусот – на пример, дека го убива топла вода или температура над 26-27 степени. Па, се советува и да пиете топла вода, на 15 минути, да излегувате на сонце, итн. Тие совети, иако не се опасни, се бескорисни. Сепак, имаше и некои многу погрешни информации, на пример, дека ако имате продуктивна кашлица, немате корона вирус. Но тоа не е точно и може да биде многу заведувачко. За сето тоа пишувавме тука: https://www.raskrikavanje.rs/page.php?id=587

Има и теории на заговор – од тоа дека вирусот е создаден во лабораторија и дека е направен да ја уништи кинеската економија, преку тврдења дека се појавил таму каде што има 5Г мрежа и дека се шири поради неа сѐ до шпекулации дека е масло на фармацевтската индустрија во договор со СЗО. 

Во што најмногу грешат медиумите кога известуваат за корона вирусот?

Ако зборуваме за грешки – недоволно проверуваат и во ситуација на брзање што побргу да се објави нешто, пуштаат текстови без детална проверка на информациите, па „се слизнуваат“. Сепак, не би рекла дека кај медиумите – и во оваа ситуација и воопшто – станува збор за грешки. Повеќе би рекла дека најголемиот дел од тие што секојдневно објавуваат лажни вести, воопшто немаат намера да проверуваат.

Едноставно ги препишуваат тие дезинформации од социјалните мрежи, од форуми, од домашни и странски опскурни медиуми, ги ставаат на сајтот или ги пуштаат во печат, заради кликови или тираж. Професионалните медиуми, од друга страна, исто така може да згрешат, но тоа не е со зла намера да дезинформираат, туку поради брзање или недоволна проверка. Се разбира, тоа не е оправдување, но се случува. За среќа, тоа ретко им се случува на професионалните медиуми. 

На кој начин медиумите би требало да ги проверуваат изворите на информациите пред да објават некоја содржина?

Тоа зависи од информација до информација. Новинарите што известуваат за корона вирусот би требало добро да знаат кои организации се релевантни, па ако наидат на некакви совети за заштита од корона вирусот – лук, топла вода, алкохол или што било друго – треба да знаат од старт што Светската здравствена организација, на пример, вели за тоа, бидејќи тие митови од нив веќе се раскринкани и јасно пропишуваат низа од десет совети до коишто би требало да се придружувате. Во секој случај, треба да се обидат да дојдат до првиот извор на некоја информација – научник, документ и слично, и директно да проверат дали е точно тоа што се тврди. Ако не можат да дојдат до првиот извор на информацијата, големи се шансите да станува збор за лажна вест. 

Во еден од текстовите упативте порака до граѓаните да бидат внимателни во следењето на медиумите кога сакаат да се информираат за корона вирусот. Кому можат да му веруваат? Како да ја утврдат кредибилноста на информацијата?

Во овој момент, кога за вирусот не се знае многу, социјалните мрежи се полни со вирусолози, епидемиолози, имунолози, сега сите се разбираат во вирусот и неговите карактеристики, изнесуваат мислења и непроверени информации, а медиумите дополнително внесуваат забуни, наместо да ги разбиваат, и во таква хаотична ситуација потполно е јасно дека постои куп дезинформации, но и дека човек мора на нешто да се потпре, на што ќе верува и во однос на што ќе се ориентира. 

Јас од медиумските сајтови би го препорачала, се разбира, Raskrikavanje.rs, бидејќи можам да гарантирам само за нашата работа и за нашите стандарди. Ние максимално ги проверуваме информациите, секогаш се трудиме да дојдеме до првите, почетните извори на информацијата, се држиме до доказите, бројките, научните истражувања, до релевантните здравствени институции.

Ги препорачувам веб-сајтовите на СЗО, на Европскиот центар за контрола и превенција на болестите, на американскиот Центар за контрола и превенција на болестите, на кинескиот Центар за контрола и превенција на болестите. 

Кои пет лаги би ги издвоиле како најдоминантни во медиумските извештаи за корона вирусот?

Прва е оваа што ја споменав: https://www.raskrikavanje.rs/page.php?id=587. Оваа лажна вест, која што ја оспоривме и ние и светските сајтови за проверка на фактите , како што се Snopes и PolitiFact, и понатаму се врти на интернет. Токму во овој момент додека пишувам, еден професор од Харвард ја сподели споменатата лажна вест на Твитер. Му испратив директна порака, предупредувајќи го дека е во прашање лажна вест. Не знам дали ќе ја избрише таа низа твитови, но знам дека оваа лага ја шират, ете, и професори и лекари, и генерално луѓе за коишто би си помислиле дека можете да им верувате. 

Втората се однесува на бруфенот – се вртеше информација дека бруфенот е опасен оти ги влошува симптомите на корона вирусот и дека е подобро да се зема парацетамол. За овие тврдења засега нема довоно докази. https://www.raskrikavanje.rs/page.php?id=598

3. Лукот/вотката/витаминот Ц го лекуваат корона вирусот. Тука: https://www.raskrikavanje.rs/page.php?id=588 собираме, меѓу другото, и такви вести.

4. Децата не го пренесуваат корона вирусот – ова потекна од епидемиологот Предраг Кон, но тоа е неточно. https://www.raskrikavanje.rs/page.php?id=592 Тоа и самиот потоа го кажа, гостувајќи во емисијата „Utisаk nedelje“ (Впечатокот на неделата), така што – да, и децата можат да бидат преносители. 

5. А „најбаналната“ е дека „Србите имаат лавовски гени“, што наводно го изјавил докторот Несторовиќ. https://www.raskrikavanje.rs/page.php?id=583